Кај нас оштетувања на слухот кај децата се откриваат најрано на околу двегодишна возраст и подоцна, за жал, додека во развиените земји уште по првиот месец од животот на бебето се открива ова нарушување, во третиот месец тоа се дијагностицира, а кај 6-месечни бебиња веќе се вградуваат кохлеарни импланти!
Секоја година, повеќе од 270 деца во земјава се регистрираат со некакво оштетување на слухот, а кај едно од илјада новороденчиња се утврдува целосно губење на слухот. Овие фрапантни податоци беа соопштени пред отворањето на 17. Европски конгрес за кохлеарни импланти и врвни-технологии на слушни помагала што за првпат се одржува во Скопје овие три дена.
На Универзитетската клиника за уво, нос и грло повеќе години успешно се спроведува Програма за вградување слушни импланти по хируршки пат со којашто на децата со тешко оштетување на слухот им се овозможува да слушаат и да ги развијат говорот и комуникациските вештини. Но нема програма за скрининг.
– Цели 20 години програмата за скрининг на оштетувања на слухот стои во мојот компјутер, бидејќи досега ниту еден од надлежните во Министерството за здравство не покажа интерес таа и да се реализира. Имам средби со надлежните, но сѐ уште нема реализација на предлогот за организиран неонатален скрининг на ова оштетување. Сега ни дојде дете на една година, кај кое дијагностициравме оштетување на слухот, а родителите имаа дилема и се сомневаа дека тоа е, наводно, предизвикано по примена вакцина, но утврдивме наследен фактор во овој случај и пристапивме на лекувањето. Морам да нагласам дека и во нашата земја се забележува значителен напредок на Програмата за кохлеарна имплантација. Со тоа им овозможуваме на нашите деца со вродено и стекнато тешко оштетување на слухот да се вклопат во светот што слуша и зборува. Благодарение на работата на тимот на нашата клиника, досега успешно хируршки вградивме најсовремени слушни помагала кај 78 пациенти. Со тоа им овозможивме значително подобрување на квалитетот на нивниот живот – изјави проф. д-р Марина Давчева Чакар, раководителка на Одделот за аудиологија и отонеурологија на Клиниката за уво, нос и грло, која претседава со Конгресот на експертите од оваа област.
Таа нагласува дека постои соверемен апарат за дијагностика на Клиника, а има и обучени лекари за ова нарушување навреме, односно што порано да се открие.
– Многу е важна рана дијагностика на пречките во слухот кај бебињата, која е од клучно значење за уште поголеми резултати во оваа област во земјата, затоа е неопходно воведување задолжителен неонатален скрининг, што е предуслов за навремена интервенција. Вградувањето имплант кај децата во рана возраст, значително ги зголемува шансите тие побрзо да слушаат и да го развијат говорот. Благодарение на големиот ентузијазам и ангажман на тимот за кохлеарни импланти и на раководството на Клиниката, но и разбирањето од Фондот за здравствено осигурување, годинава за првпат се одобрени и вградени 15 кохлеарни импланти, со што се намали листата на чекање на која се повеќе пациенти – рече проф. д-р Давчева Чакар.
Во очекување програмата за ран скрининг конечно да заживее, таа самоиницијативно, ни откри неофицијално, кога може го носи апаратот на Клиниката за гинекологија и на штотуку родените бебиња им го проверува слухот и се радува кога нема да открие глувост.
– Ако детето не слуша кога ќе се роди, секој месец и изгубен. Неонаталниот скрининг ќе ни овозможи што порана идентификација и дијагностика. Имаме еден апарат за скрининг на бебињата на Клиниката, но на скрининг не подлежат сите бебиња. И бебе кое е нормално родено и бебе кое е предвреме родено може да има тешко оштетување на слухот. Мојата студија покажува дека наследната глувост како да го зема приматот меѓу причините за тешките оштетувања на слухот. Ако е така, скринингот треба да биде универзален, не само за бебиња кои се предвремено родени и се со висок ризик, туку да ги опфати сите деца. Подобро е детето се имплантира во првите месеци, истакна проф. д-р Давчева Чакар.
Интервенцијата е помалку ризична и од вадење крајници!
Проф. д-р Чакар и другите лекари-учесници на конгресот апелираат родителите, заедно со лекарите, што е можно порано да го однесат бебето на преглед, ако забележат дека не слуша добро.
– Нека тропнат посилно со вратата, нека го повикаат, и ако не реагира, тоа веќе и кај тримесечно бебе е аларм дека нешто не е вред со слухот и треба да се однесе кај матичниот лекар, па на Клиника кај нас. Вгладувањето кохлеарни импланти е безбедна хируршка постапка, која е дури помалку ризична и од вадење крајници – нагласи д-р Бесим Зекири, специјалист по ОРЛ, кој е дел од тимот на Клиниката којшто ги врши овие интервенции.
Евалд Турнер, претставник на австриската компанија MED-EL, водечки провајдер на системи и импланти за слух во светот, изјави:
– Македонија во изминатите неколку години постигна значаен напредок во спроведувањето на Програмата за вградување кохлеарни импланти за слух. Во почетокот, се вградуваа само по три импланти годишно, а сега бројот достигна до 15 годишно. Тоа е голем чекор напред. Во моментов науката овозможува сите деца и возрасни на кои им е потребен имплант за слух да го добијат, а кохлеарните импланти траат од 15 до 40 години.
19-годишната Катерина Мутовиќ, ученичка во средното медицинско училиште во Скопје, е пациентка кај која е вграден имплант за слух.
– Вградувањето имплант од рана возраст ми овозможи одлично да го користам слухот и да комуницирам со околината без никакви пречки. Оваа напредна технологија влијаеше и јас да се решам да ја изучувам медицинската наука, со што ќе можам понатаму и јас да им помагам на луѓето – рече Катерина.
Билјана Јанчевска, мајка на 3-годишниот Александар, на кој успешно му е вграден кохлеарен имплант на десното уво, изјави:
– Многу сме благодарни и среќни што на нашето дете му беше овозможено да го користи слухот преку оваа напредна технологија, како и од најрана возраст правилно да го развие говорот, да комуницира и да има безгрижно детство.
Дел од слушно помагало