Филипче: Водиме максимална грижа за подобро здравје на пациентите

68

Водиме максимална грижа за подобро здравје на пациентите и обезбедуваме нови и современи медицински апарати за да ја пружиме потребната и неопходна здравствена заштита, рече министерот за здравство Венко Филипче на отворањето на шестиот конгрес за анестезиологија, реанимација и интензивна нега со меѓународно учество, што се одржува во Охрид.

Тој посочи дека конгресот е одлична можност да разменат искуства и новини од областа на анестезиологијата, реанимацијата и интензивната нега, како и да ја унапредат соработката меѓу домашните и странските експерти.

Минатата година, нагласи, набавен е нов апарат за видео лариноскопија и ендоскопија за обезбедување на дишен пат, наменет за пациентите кои се лекуваат на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ, со кој анестезиолозите можат полесно да интубираат пациенти кои се хоспитализирани на оваа Клиника и се во ризик.

– Покрај континуираните трансплантации од жив донор, по три години пауза на КАРИЛ успешно се изведени четири кадаверични трансплантации и осум пациенти на дијализа добија шанса за нормален живот со бубрег од починат донор. Во 2018 година, успешно ја извршивме и првата несродна трансплатација на матични хематопоетски клетки, која претставува револуционерен чекор на македонското јавно здравство. Исто така, употребуваме и нова комбинирана метода на тромболиза и тромбектомија, која кај нас веќе станува практика, рече министерот Филипче.

Тој истакна дека со Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки и Здружението на анестезиолози имаат соработка во полето на едукациите и додаде дека се одржале обуки за медицински сестри за постапување при животозагрозувачки состојби, како прв чекор во континуираниот процес на едукација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...