Кого колку ќе го чини Брегзит

252
ФОТО: EPA / NEIL HALL

Дојче веле – Бон

Ситуацијата околу Брегзит останува неизвесна, па затоа е тешко да се предвиди точно како ќе тоа влијае на економијата. Но, според некои проценки, ќе има не само губитници, туку и победници.

Дали наскоро ќе дојде до нов договор за Брегзит? Можеби да, а можеби не. „Иако однесувањето на Велика Британија екстремно нервира, она што важи за европската страна е: стисни заби и не губи трпение“, вели Холгер Бингман, претседател на Германското здружение за трговија на големо, надворешна трговија и услуги (БГА). Тоа здружение предупредува дека хаотичен Брегзит без договор ќе биде најлошата можна опција.

Досега, излегувањето на Велика Британија од ЕУ беше планирано за 31 октомври. Но, за тоа да се случи, британскиот парламент мора да гласа за договорот со Европската унија оваа недела.

Уште една рунда!?

Во секој случај, изненадувачки е што британскиот парламент не гласаше за договорот за Брегзит во саботата (19 октомври). Повеќето пратеници гласаа за одложување на гласањето. Се чини дека е малку веројатно дека ќе дојде до хаотичен Брегзит со сите економски турбуленции на крајот на октомври.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск потврди дека го добил предлогот на Велика Британија за одложување на терминот за Брегзит, на 31 октомври. Сега, врвот на ЕУ ќе разговара за тоа како да се одговори на британскиот предлог. Претставник на ЕУ рече дека на предлогот нема потпис од британскиот премиер Борис Џонсон.

Пред неколку дена, по долгиот спор со ЕУ, британскиот премиер подготви втор договор за повлекување од Унијата, што веднаш го усвоија шефовите на држави и влади на Европската унија. Овој документ утврдува нова регулатива за прашањето на границата помеѓу земја-членка на ЕУ Ирска и британската провинција Северна Ирска, која би можела да остане отворена. Покрај тоа, Џонсон се договори со Брисел дека на долг рок треба да има само лабава врска меѓу ЕУ и Велика Британија.

„Парализирачка лебдечка состојба“

Холгер Бингман предупреди дека може да има дополнителни последици по економијата: „Неверојатно е што сè бараат Британците од своите европски партнери. Претприемачите од обете страни на Ла Манш сè уште висат во воздух и не знаат како ќе изгледаат нивните царински и трговски процеси во иднина”.  Тој вели дека повторно, луѓето се оние кои најмногу страдаат, но секако компаниите. „На овој начин се продолжува парализирачката лебдечка состојба, со сите негативни ефекти врз економијата од двете страни на Ла Манш“.

Ваквите импликации се потврдени со тековните истражувања на германскиот Институт за економски истражувања (DIW). „Постојаната неизвесност ја оптоварува германската економија“, откри институтот. Последиците се воздржаност – особено кога станува збор за инвестиции.

Пресметките на Институтот покажаа дека економскиот раст во Германија опадна за 0,2 проценти на годишно ниво заради неизвесноста по референдумот, што не би било случај доколку не се донесеше одлука за Брегзит. Ова не изненадува, а Институтот го прогнозираше уште во 2016 година, посочувајќи дека ќе има намалување на динамиката на инвестициите и слабеење на трендот на вработување.

Несигурноста во основа има три димензии, објасни Фердинанд Фихтнер, шеф на Одделот за конјуктурна политика на Институтот за економски истражувања. „Не знаеме кога ќе дојде Брегзит, исто така, не знаеме во какви услови ќе се случи, па дури и да го знаевме точно тоа, претприемачите, но и ние истражувачите ќе имавме проблем да процениме какви конкретни последици би имал новиот однос меѓу Европската унија и Велика Британија. Има многу неизвесности“.

Што би било кога би било?!

Актуелна состојба: ако се случи Брегзит без договор, Велика Британија ќе добие статус на трета земја за ЕУ кога станува збор за трговските врски. „Тоа веднаш ќе доведе до ограничувања на движењето на пазарот на трудот и стоките, како и во услугите и капиталот помеѓу ЕУ и Велика Британија“, појаснува Институтот. Германската економија ќе биде оптоварена, пред сè, од ослабениот промет на стоки.

Тврд Брегзит на крајот на октомври ќе го намали бруто домашниот производ на Германија (БДП) за 0,4 проценти во 2020 година и 0,3 проценти во 2021 година, предвидува германскиот Институт. Негативните ефекти особено ќе ја погодат германската економија следната година, додека од средината на 2021 година овие влијанија полека ќе исчезнат. Како и да е, уредниот Брегзит би го ублажил сето ова. Така, загубите во случајот на Брегзит без договор би изнесувале околу 10 милијарди евра годишно, според студијата на фондацијата Бертелсман, а во случај на регулиран Брегзит загубите би се преполовиле, на околу пет милијарди годишно.

Но, Велика Британија би имала најголема корист од тоа. Бидејќи, во случај на тврд Брегзит, Велика Британија би требало да сметка на загуба на приходите од 57 милијарди годишно, додека во случај на контролиран Брегзит, тие загуби би изнесувале 32 милијарди, според студијата на Бертелсман.

Има и победник!

Но, постојат земји надвор од Европа кои би можеле да профитираат од Брегзит. Според студијата Бертелсман, приходите на САД би се зголемиле за 13 милијарди евра на годишно ниво, во Кина за пет милијарди, а во Русија за 260 милиони евра на годишно ниво.

ФОТО: EPA / NEIL HALL

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...