Демонстрантите во Чиле синоќа повторно протестираа на улиците поради социјалните нееднаквости во земјата и покрај реформите што ги најави претседателот Себастијан Пинера.
Тој рече дека мерките што ги презема Владата нема да можат да ги исполнат барањата на многумина во земјата од 18 милиони луѓе.
Меѓутоа, тој го одложи поскапувањето на струјата од речиси 10 отсто за крајот на следната година.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека во текот на вчерашниот ден загинале три лица, со што вкупниот број на жртвите на протестите се зголеми на 18. Возрасен маж и четиригодишно дете беа погодени од автомобил, а третиот човек загинал при полициско насилство.
Два супермаркета беа запалени во северниот град Антофагаста, а еден хотел беше предмет на вандалски настан во Сантјаго, јави локалната телевизија Вентикуатро Орас.
Протестите започнаа поради зголемување на цените на билетите за метрото. Мерката беше укината, но тоа не ги смири демонстрантите. Претседателот Пинера најави реформи, вклучително и зголемување на пензиите и минималната плата, пониски цени на лековите и повисоки даноци за богатите.
Покрај тоа, демонстрациите продолжија во повеќе градови, а полицијата употреби водени топови за да ги растера демонстрантите.
Чиле е една од најбогатите земји во Латинска Америка, но истовремено и една од оние во кои има најголема социјална нееднаквост.
ФОТО: EPA / Alberto Valdes