Првпат за незаконското следење на комуникациите слушнав кога станав претседател на СДСМ во 2013 година и тогаш тоа и го увидов, рече премиерот Зоран Заев денеска во Основниот кривичен суд во Скопје, каде се појави да сведочи во случајот „Таргет-Тврдина“ на барање на обвинителите Трајче Пеливанов, Артан Ајро и Ленче Ристоска.
После примопредавање на функцијата, рече тој, одржал состаноци со сите претседатели на партиските тела кои го запознале со работата при што Зоран Верушевски му кажал за прислушувањето.
– Документите и материјалите беа и во пишана форма и како аудио материјали. Такви информации се единствено достапни до претседателот на партијата и тој согласно своето убедување носи одлука дали тие информации ќе ги сподели со друг – рече Заев.
Премиерот рече дека тогаш не ги познавал свиркачите Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, ниту пак го прашал Верушевски од каде доаѓаат.
– Немав информација дека материјалите доаѓаат од тие две лица, ниту пак прашував преку кого доаѓаат. Единствено што ме интересираше е дали тие материјали доаѓаат од институциите или надвор од институциите, но покрај тоа што бев информиран од Верушевски дека доаѓаат од институциите на државата тоа можев и да го видам при презентација на материјалите и документите – изјави Заев.
Премиерот сведочеше дека пред да почне да ги објавува јавно „бомбите“ бил на четири средби со тогашниот премиер Никола Груевски да му каже што поседува.
– Информацијата ја споделив со Груевски, со стручни луѓе од обвинителството на кои им верувам. А, секако и во јавноста соопштив дека постојат т.н. „бомби“. Стручните луѓе не можеа да гарантираат дека ќе бидат процесуирани таквите материјали, а Груевски се шегуваше дека не е можно да имаме такви материјали. Токму тој организираше, строго под негова контрола, да се тргне во постапки за лишување од слобода на сите можни иматели на таквиот вид материјали и документација. Благодарение на тоа што судот одлучи мене да ми го одземе пасошот, а не да ме лиши од слобода имав можност да ги споделам со јавноста. Одлучив дека единствена опција е да споделам со јавноста внимателно селектирани разговори кои ќе го натераат општествениот систем да се спротистави на масовното незаконско следење – рече Заев.
Четирите средби со Груевски биле до 8 февруари 2015, додека Заев јавно не ја пушти првата „бомба“. Средбите биле во кабинетот на Груевски во Владата. Обвинителот го праша Заев и дали му предочил разговори на Груевски за да му докаже дека навистина ги поседува.
– Да, но преку наративна презентација за содржината на неколку разговори со деталите. Целта беше да се докаже дека вистина поседуваме, затоа изборот што да му презентирам беше содржина од разговори за кои би можел да знае само тој и соговорникот. Еден од тие разговори кои му ги презентирав е како тој тајно купува плац на Водно и тоа му беше кажано до сите детали – раскажа Заев.
Груевски барал и аудио доказ, но Заев не му пуштил аудио ниту му дал конкретен транскрипт.
Заев рече дека од увидот во материјалите може да заклучи дека се од УБК во МВР.
– Начинот на ставање на телефоните на слушање, аналитиката која се правела од нив и доставувањето на анализирани материјали до врвот на политиката, до тогашниот премиер Никола Груевски, начинот на еднаквоста, на изгледот на структурата и другите податоци, сето тоа недвосмислено укажува дека следењето доaѓа од МВР односно УБК. Посебно и тоа што во тие материјали беа и материјали за кои МВР, односно УБК воспоставило законски ПИ мерки. Како и тоа што еден дел од разговорите кои беа дел од мојата комуникација, односно еден мал дел произлегуваше од воспоставување на ПИ мерки со судска наредба врз мене како претседател на СДСМ и градоначалник на Струмица – раскажа премиерот.
Тој рече дека најзастапена во разговорите била опозицијата, а веднаш по неа според бројност, биле новинарите.
– После опозицијата, спред мене, беа новинарите, па експерти меѓу кои и универзитетски професори, на исто ниво некаде беа претставници на невладини организации. Како што можев да забележам и деловни луѓе во државата, високи претставници на верските заедници и неколку телефонски броеви од високи претставници на власта во тоа време. Еден значаен дел ставени на прислушување, кој морам да го издвојам, се гледаше дека се и високи претставници на скоро сите албански партии во државата – рече актуелниот премиер.
Заев рече дека тој бил најзастапен во разговорите од СДСМ, веднаш после неговиот претходник, Бранко Црвенковски.