Специјалниот претставник на државниот секретар на САД, Метју Палмер, изјави дека со одбивањето да ги отвори преговорите за пристапување со Северна Македонија и со Албанија, Европската Унија испратила лоша порака до Србија и до Косово дека договорот не мора да значи европски пат.
Палмер за Гласот на Америка рече дека целите на САД и на ЕУ кога станува збор за решавање на косовското прашања се исти, но дека одделни членки на ЕУ испраќаат различни пораки.
– Ние сме тука, го поддржуваме процесот и ги охрабруваме страните да постигнат договор. Сепак, сакаме тие да бидат свесни за тоа што им се нуди, зошто е важно за нив да постигнат договор за нормализација. Ова е искрено една од причините што одлуката на Европскиот совет да не ги отвори преговорите за пристапување со Албанија и со Северна Македонија е толку обесхрабрувачка. Затоа што испраќа погрешна порака и до Белград и до Приштина, а тоа е дека можете да направите тешки работи, да донесувате тешки одлуки, да постигнете компромис, но сепак и понатаму може да ви биде одбиен патот напред кон Европа – рече Палмер.
Оваа ситуација, заклучува Палмер, им овозможува на Русија, Кина и на другите актери да го засилат своето влијание на Балканот.
– Примарна цел на Русија е да ја спречи евроатлантската интеграција на регионот, да го задржи поделен, слаб и зависен од политичката поддршка од Москва и од гасот. Русија сака да го спречи договорот меѓу Србија и Косово, да ја спречи БиХ да биде функционална држава, како и патот на Црна Гора и Северна Македонија кон НАТО… Непризнавањето на статусот на Косово од страна на Србија е најголемиот адут што Москва го има во својот ракав кога станува збор за Србија – оцени Палмер.
Интересите на Кина за Западен Балкан се повеќе комерцијални, а како значаен играч на Балканот, Палмер ја гледа Турција, за која кажа дека регионот го гледа како „свој двор“.
На претресот во Поткомитетот за Европа и регионалната безбедносна соработка во Сенатот, Палмер зборуваше и за соработката со специјалниот претставник на Белата куќа, Ричард Гренел, велејќи дека тој го гледа нивниот однос како „партнерски, а не како поделба на одговорноста“.
Тој рече дека тие секојдневно се слушаат со Гренел и дека имаат заедничка стратегија за решавање на косовските проблеми.
– Знам дека амбасадорот Гренел е особено заинтересиран да идентификува трговски, деловни и економски стимулации што можат да се искористат за да се постигне напредок на политички фронт. Многу е активно ангажиран со лидерите во Белград и во Приштина и со деловните заедници, за да ги охрабри да напредуваат во областите каде што можат да соработуваат и да постигнат компромис за економски и трговски прашања што ќе им бидат од полза на граѓаните. Сепак, ова не ја елиминира потребата за постигнување политичко решение – рече Палмер.
Но, работата моментно е ограничена со фактот дека Косово нема влада, истакна Палмер и рече дека се надева оти владата ќе биде формирана брзо за да продолжи дијалогот со Србија.
– Очекувам новата влада на Косово да работи на ова, да ги укине таксите и Србија да престане да го делегитимизира Косово во меѓународната заедница и да создаде атмосфера за компромис – додаде Палмер.