Не стивнуваат предупредувањата дека со тоа што Македонија и Албанија се најдоа на мета на промените во рамнотежата на моќта меѓу земјите-членки што се очекува по финализацијата на Брегзит, ЕУ се соочува со ризикот да го загуби влијанието на Западен Балкан.
Категоричното „не“ на Макрон за Балканот се случува напоредно со неговите обиди да ја преземе лидерската позиција во ЕУ преку заговарање на подлабоки интеграции во европската соработка. Тоа можеби се гледа и во тековните буџетски дискусии, каде што Франција силно се залага да придобие повеќе членки да плаќаат поголема сума во заедничката европска каса. Но таа борба на највисоко ниво во Брисел несомнено влијае со негативен ефект и на односите на ЕУ со земјите кандидати, и на ветувањата што им се дадени за долгопосакуваното отпочнување на пристапните преговори.
Во секој случај се чини дека Заев е сосема во право кога вели дека сега е пресудно да не се закочат започнатите внатрешни реформи и процеси кои ќе овозможат европските вредности и стандарди да се донесат и изградат во Македонија на солидно ниво, а потоа чинот на самото зачленување во Унијата ќе биде повеќе или помалку формалност. Историските искуства околу повеќедеценискиот развој на европските интеграции одат во прилог на таквите тврдења.
Копјата околу продлабочувањето на интеграциите често се кршат во однос на анализата на поранешните искуства. Кога ЕУ се прошируваше во три фази во текот на 2000-тите години, пред се во Источна и Централна Европа, постоеле поголеми разлики меѓу старите и новите ЕУ-членки отколку при претходните кругови на проширување, како на пример во 1995 година кога во членството се примени Австрија, Шведска и Финска. Проширувањето кон Исток не донесе брзо израмнување на приходите меѓу земјите-членки. Таквиот јаз беше уште повеќе зголемен подоцна со финансиската криза и рецесија.
Но и кога претходникот на ЕУ, ЕЕЗ, била основана во 1950-тите години економските разлики биле големи меѓу првите шест земји. Италија била значајно посиромашна од другите членки. Тоа може да го објасни фактот дека заедничкиот пазар на труд не бил формиран директно, туку тоа се одвивало постепено во текот на 1960-тите години. Но Италија сепак имала брз економски раст, а кога било овозможено слободно движење на работна сила, односно кога биле отстранети административни пречки да се бара работа во други земји во рамки на ЕЕЗ, не се случил позначаен пораст на миграциите од Италија. Големото иселување од Италија, пред се во Германија и другите развиени западни земји, се случило порано.
На сличен начин веднаш не дошло до проширување на заедничкиот пазар на труд кога Шпанија и Португалија станале членки на ЕУ. Всушност, како и претходно, резултатот бил ист. Се случило само ограничено иселување од новите членки на заедничкиот пазар. Главната причина за таков развој била дека претходно разликите во приходи веќе биле намалени. Јужноевропските земје забележале брз економски развој кој претходел на нивното полноправн членство.
Од стратегијата за потенцијални членки во Западен Балкан меѓу другото произлегува дека Унијата своите проценки ги гради и врз низа скапо платени искуства од приемот на источноевропски земји. Таквиот пристап пред се подразбира дека економијата во западнобалканските земји би требало да има поголема конкурентна моќ – за работната сила од овие земји да не мигрира во поголем обем во други ЕУ-членки. Иако таков процес, всушност, веќе се случува. Малцинските права мора да се гарантираат и правната држава да зајакне, а што во контекстот на масовните миграции од посиромашните земји на Истокот кон богатите западни членки има посебно значење.
Зачленувањето на Шведска во ЕУ во 1995 година беше во основа формален чин, со оглед дека високо достигнатите стандарди во оваа скандинавска земја можеа само да се вклопат без посебни потешкотии во системот на соработка во Унијата. Членството на Шведска беше посакувано и дочекано со раширени раце бидејќи Швеѓаните имаа и што и да понудат на ЕУ. Веднаш по соопштувањето на позитивниот исход на шведскиот референдум за зачленување, Европската комисија изрази задоволство од фактот дека Шведска како членка ќе може да даде голем придонес со своите значајни постигнувања, посебно во областа на екологијата и заштитата на животната средина.
Земјите од Западен Балкан во овој момент немаат некаква понуда која би можела да биде привлечна за ЕУ. Но имаат натрупани проблеми и конфликтни ситуации, без оглед што тековните реформски напори покажуваат извесни позитивни резултати. Значењето на датумот за старт на преговорите во Македонија беше кренат на пиедестал како национално прашање број еден. Но без оглед дали сега ќе биде симнат за неколку скалила подолу потребата од спроведување на суштински реформи нема да исчезне. ЕУ сепак не може да се товари за одговорност поради успорените реформи на правосудниот систем, негрижата за здравствениот и образовниот систем, пренатрупаноста и партизираноста на неефикасната администрација, нефлексибилноста на пазарот на труд, негрижата за најсиромашните слоеви на насаелението и многу други нешта. ЕУ не е клучен дел внатрешните проблеми на забавениот развој.
Во Брегзит-кампањата беа поттикнати силни емоции со лажни тврдења дека Турција наскоро ќе влезела во ЕУ, и со инсинуации дека милиони Турци ќе се упатат кон Велика Британија. Можеби не е далеку од вистината дека и Макрон со блокирањето на преговори со западнобалканските земји всушност калкулира со можниот исход на локалните избори во Франција идната година, надевајќи се дека ќе ги попречи своите десно популистички противници да ја зовријат атмосферата на сличен начин како што тоа беше случај во Велика Британија.
Но напоредно на тоа сепак нема да се намалат очекувањата ЕУ да даде поголем придонес за развој на демократијата, владеењето на правото и благосостојбата. Можеби и преку заострување на начинот на преговарање со земјите кандидатки. Но и преку соочување со неодржаните ветувања дадени на земјите што навистина се обидуваат да преземат правилни чекори за конечно да се крене рампата што го блокира нивниот пат кон Европа.