Грчката полиција го прекина прикажувањето на „Џокер“, изнела 19 деца од киносалата

До интервенција на полицијата дошло по пријавата на две службенички на Министерството за култури кои се нашле во киносалите, се наведува во соопштението на полицијата.

5998

Во Грција избила широка полемика откако полицијата минатиот викенд изнела малолетници од две киносали во Атина, во кои се прикажува американскиот блокбастер „Џокер“, филм кој ја носи ознаката „Само за возрасни“. Родителите на децата се предупредени дека може да бидат казнети.

Министерството за култура влегло во јавна полемика со Министерството за внатрешни работи бидејќи, според медиумите, полицијата од две киносали изнела десетина малолетници, додека го гледале филмот на Тод Филипс, добитник на „Златен лав“ на овогодишниот Филмски фестивал во Венеција.

Во центарот на контроверзиите е стравот од последиците од гледањето на сцените со насилства по деца.

До интервенција на полицијата дошло по пријавата на две службенички на Министерството за култури кои се нашле во киносалите, се наведува во соопштението на полицијата.

Седум тинејџери од едно кино биле одведени во полициска станица, каде родителите биле повикани да ги преземат, со најава дека против нив ќе бидат поднесени прекршочни пријави поради запоставување на малолетници.

Полицијата не дала повеќе информации за останатите тројца малолетници на кои им било наредено да напуштат друга кино сала.

Двете жени кои се јавиле во полицијата, а работат во Националната комисија која категоризира филмови, посебно води сметка за тоа дали младата публика може да ги гледа, ги надминале своите овластувања, изјавила на посебна прес-конференција министерката за култура Лина Мендони.

Тие „за тоа не ги предупредиле своите претпоставени или Министерството“, додала министерката и најавила истрага и мерки против двете службенички.

Во Грција филмот „Џокер“ и официјално е забранет за гледачи помлади од 18 години.

Според законот од 2010 година, сопствениците на кино-салите се одговорни ако малолетник гледа филм забранет за помлади од 18 години и може да биде казнет до 10.000 евра.

Такви контроли, меѓутоа, досега имало малку. Полемика се водела и за системот на продавање на карти и проверката на возраста на купувачите.

Откриен во неколку грчки медиуми, тој случај предизвикал немир и создал хаос со гласна полемика на социјалните мрежи, каде новата, десничарска влада, е обвинета за цензура.

Многу опозициски партии ја осудиле интервенцијата на полицијата како “неразмерна”, а други анализираат дали после пријавата требало да дојде интервентна единица на полицијата – како што се случило на барем едно место, или на некои други.

Критикуван како политички одговорен за полициската интервенција, министерот за заштита на граѓаните – како што во Грција се нарекува ресорот за внатрешни работи, Михалис Хрисохоидис јавно се дистанцирал од постапката на полицијата, и на Твитер најавил дека “вечерва со својот син од 15 години ќе го гледа “Џокер””.

Филмот се занимава со преобразување на депресивен комичар, кого општеството го злоставува, и кој се претвора во насилник. Кон крајот на септември, кога во Лос Анџелес била одржана светската премиера на филмот, кој е моментално меѓу најуспешните според заработката, тамошната полиција најавила зголемено присуство околу киносалите.

FOTO: Instagram/Printskrin

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...