Деновиве една од најактуелните теми, беше добивањето датум за преговори за членство во Европската унија. Јасно е дека тоа е прашање кое е врвен приоритет и за државата и бизнисот и за граѓаните, кои очекуваат подобрување на деловната клима, животниот стандард и воопшто, подобрување на условите за живот и работа во земјава.
Но веројатно, секому му е јасно дека, дури и да го добиевме датумот за преговори, подобрувањето на условите за живот и работа во земјава немаше да се случи преку ноќ, односно дека тоа е само почеток на еден подолг процес на преговарање, кој не се знае колку ќе трае.
Истовремено, секому му е јасно дека подобрувањето на условите за живот и работа во земјава нема да се случи „преку ноќ“ и само поради добивањето на датумот за преговори, туку тоа е можно само доколку самите во сопствената држава придонесеме работите да тргнат на подобро. А тоа значи и вложување многу труд во соочување со сите предизвици на нашето општество и од политичка и од економска природа и нивно постепено решавање.
Меѓу особено актуелните прашања во овој изминат период, но и во периодот што доаѓа се неколку прашања кои се меѓусебно зависни едно од друго, а тоа се следните:
– Како да се обезбеди квалификуван кадар во согласност со потребите на бизнисот, бидејќи компаниите упорно алармираат дека таков кадар недостасува во државава?
– Како да се спречи миграцијата на младото работоспособно население од државата и да остане да работи овде, во нашите компании, домашни или со странски капитал?
– Дали е дојдено времето да размислуваме за „увоз на работна сила“ од странство, во услови на недостиг на кадар, од една страна и релативно висока стапка на невработеност, од друга страна?
Со оглед дека овие прашања се од голем интерес за сите општествени чинители, верувам дека започнатите процеси на промени во регулативата и практиката заради имплементирање на дуалниот модел на образование (учење преку работа), ќе дадат и соодветни резултати во делот на создавањето кадар во согласност со потребите на компаниите. Но, за да можеме да направиме каков било реформски чекор во системот на образование потребен е холистички пристап на сите засегнати страни и поставување на ова прашање како стратешки приоритет на државата. Повеќе од јасно е дека е невозможно да има успешни компании без успешни менаџери и работници, а успешни би биле само доколку имаат знаења и вештини кои се потребни за продуктивноста на нивните компании.
Проблемот со недостатокот на квалификувана работна сила во земјава, која им е потребна и на домашните компании и на странските инвеститори кои активно работат овде, дополнително се усложнува, ако се има предвид фактот за мобилноста на работната сила и надвор од границите на земјава. Аналитичарите на Светска банка процениле дека до 2010 година Македонија ја напуштиле 440.000 жители, а три години подоцна, или до крајот на 2015 година, бројката се зголемила за уште 200.000 и достигнала 626.312 лица. Тоа значи дека се иселил речиси секој трет жител, или 30,2% од населението. Многу лесно може да се претпостави дека ако и во наредните три-четири години иселувањето имало приближно темпо, денеска во просек од Македонија се иселиле околу 800.000 жители.
Компаниите од Советот на странски инвеститори известуваат дека вработените поднесуваат откази на дневна основа, а дека основната причина за тоа е заминување во странство заради подобри услови за живот и работа. Притоа, исто така, интересен е фактот дека висината на платата не е единствената причина за заминувањето, туку особено влијание врз овој процес имаат економската и политичката нестабилност, ограничените можности за професионален развој, несоодветните или ограничените урбани услуги и инфраструктура (вклучувајќи ги здравството, образованието, комуналните услуги и друго), недостаток на доверба во институциите на системот, па дури и целокупна безнадежност, песимизам и корупција.
Промените што треба да се направат во овој дел, се секако крупни прашања, кои треба да бидат приоритет за државата и за сите институции и поединци, бидејќи во спротивно ќе се соочиме со негативни ефекти во повеќе сегменти во општеството. Дури и да ги земеме предвид само оние од економска природа, повторно се многу на број: тешкотии во долгорочното планирање на деловните активности на компаниите, губење на работоспособното население, намалена побарувачка на стоки и услуги, па дури и намалена конкурентност на пазарот.
Согласно направените консултации и разговори со домашните компании и странските инвеститори во земјава, постојат голем број предлози кои можат да ги подобрат состојбите на овој план, доколку државата активно работи на нив во соработка со бизнис-заедницата, а дел од нив се моделите за трансфер на вработени од јавниот во приватниот сектор кои истовремено ќе бидат атрактивни и за работодавачите и за работниците, моделите за поттикнување на вработувањето на лица со понизок степен на образование или без квалификации, мерки за спроведување масовни кампањи за подигнување на јавната свест за придобивките од работа во земјава, односно кампањи кои би имале за цел да ги мотивираат граѓаните својата иднина да ја проектираат во рамките на матичната држава; мерки кои овозможуваат и определени даночни олеснувања за младите лица кои остануваат да работат во земјава, по примерот на Хрватска, Полска, или определени мерки за државна помош за работа во земјата на вратените иселеници по примерот на Шпанија и Португалија, како стратешки програми за враќање на работоспособното население во државата; разгледување на можностите за увоз на работна сила од странство бидејќи според мислењето на странските инвеститори, процедурите за аплицирање и за добивање дозвола за престој и за работа во земјава се доста сложени и ограничувачки, со што ја лимитираат одлуката на компанијата за ангажирање странски експерти, но и работна сила од страна во недостиг на квалификуван кадар во земјава, поради веќе наведените причини.
Несомнено е дека за да можеме да направиме каков и да било реформски чекор во обезбедувањето квалитетен кадар согласно потребите на компаниите, потребно е учество на сите општествени чинители и третирање на наведениве прашања и предлози како клучни приоритети.
Со цел растот да биде долгорочно одржлив, постои силна потреба од спроведување структурни реформи кои ќе ги поттикнат инвестициите, продуктивноста и создавањето работни места во индустрии со висока технологија. Согласно со податоците од Евростат, еден работник во земјава создава помалку од 45% додадена вредност од просекот на колегите на ниво на Европската унија. Ако на гореизнесеното се додаде и фактот дека населението во земјава старее и ќе продолжи да старее, според предвидувањата на Светската банка, се поткопува еден од клучните фактори – човечкиот капитал неопходен за обезбедување стабилен и одржлив развој на македонската економија. Стапката на наталитетот се намали од 2,17% во 1991 година на само 1,5% во 2016 година, што е пониско од просекот за Европа и Централна Азија (1,94%). Проценетиот раст на бројот на населението е скоро нула.
Заедничка задача на сите е да ги зголемиме продуктивноста и конкурентноста на домашното стопанство, ако сакаме да донесеме економски живот за сите граѓани и младите да останат во земјава, а компаниите, било да се домашни или странски, да бидат задоволни и мотивирани да инвестираат. А датумот за преговори сигурно нема ништо да промени, ако сето ова не си го решиме самите ние.