Британскиот премиер Борис Џонсон вечерва изјави дека одлучил да го прекине разгледувањето на договорот за Брегзит во британскиот парламент.
Тој ова го одлучи откако парламентот го отфрли предлогот на Владата дебатата да заврши за три дена и додаде дека се очекува одлука на ЕУ за евентуално ново одложување на Брегзит.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, вечерва се консултира со лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ за барањето за одложување на излегувањето на Велика Британија од ЕУ, соопшти неговата портпаролка.
Претседателот на Европскиот совет се консултира со лидерите на ЕУ за барањето поднесено од Велика Британија за продолжување на рокот за Брегзит до 31 јануари 2020 година, објави Мина Андреев на Твитер.
Британските законодавци претходно го одобрија предлог-законот на премиерот Борис Џонсон за Брегзит, но одбија да биде усвоен во рок од три дена во Долниот дом на Парламентот.
Прво 329 пратеници гласаа „за“ предлог-законот за излез на Велика Британија од ЕУ да се испрати на понатамошно разгледување и за евентуални амандмани, а 299 беа „против“.
Пратениците потоа со големо мнозинство го отфрлија обидот на Владата законот да се усвои по брза постапка во рок од три дена.
Владата побара Долниот дом на Парламентот да го одобри нацрт-законот до четврток, 24 октомври, а потоа да го испрати до Горниот дом на Парламентот за да стане закон пред 31 октомври.
На тој начин, Велика Британија ќе можеше да ја напушти ЕУ во закажаниот рок на 31 октомври.
Сепак, 322 пратеници гласаа против краткиот рок, кој на Долниот дом на Парламентот му даваше само три дена да расправа за нацрт-законот, додека 308 беа „за“.