МЕРКИ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕ Во план е пластичните кеси да се наплатуваат по 10 денари

За да пазарувате без пластични кеси треба само малку да се преорганизирате. Не е толку тешко како што си мислите. Во количката за на пазар си имам спремно десетина платнени торби и им ги подавам на продавачите на пазар за во нив да ми мерат овошје, зеленчук, салати... , вели скопјанка.

1291

И во Македонија ќе се забрани достапноста на многу лесни пластични кеси за транспорт на стоки, а по исклучок, се дозволува да се прават достапни на пазарот 100 отсто биоразградливи пластични или хартиени кеси за транспорт на стока без надомест. Но оние корисници и потрошувачи кои ќе инсистираат на пластична кеса за транспорт на стоки, ќе треба да ја платат, но не еден-два денари, туку 10 денари. Овие новини за Плусинфо ги најавуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање, каде се интересиравме кога и во Македонија ќе се забранат за употреба пластичните кеси кои не се биоразградливи.

Во Белград оваа забрана почнува да важи од јануари в година. За илустрација, Грција до јуни 2020 година планира да ја повлече пластиката за еднократна употреба, една година пред предвидениот рок од ЕУ.

Застрашувачки се податоците за штетното влијание на пластиката. Периодот на биодеградација на пластично-картонска кутија е 5 години, а на пластични шишиња – никогаш! Секоја година околу 45.000 тони пластичен отпад се исфрла во океаните во целиот свет.

Додека во останатите земји во Европа и светот расте свеста за опасноста од употребата на пластиката, кај нас сѐ уште ретко кој граѓанин успеал да се преориентира и наместо пластична кеса, да носи платнена торба кога пазарува. Таму каде што кесите се наплатуваат, се купуваат минимален број кеси, додека во продавниците каде се делат бесплатно, дел од купувачите излегуваат и со по 4-5 кеси „за да им се најдат“. Од кесите и други пластични производи кои може да се рециклираат, индустријата произведува торби и други артикли кои се биоразградливи.

Новиот закон делумно ќе ги забрани пластичните кеси

Од Министерството за животна средина и просторно планирање ги појаснуваат новините во новиот закон за употреба на кеси, којшто сѐ уште не е усвоен.

– Согласно новиот предлог текст на законот (нагласуваме, сѐ уште е предлог текст и се чека на усвојување) се забранува правење достапни на пазарот на многу лесни пластични кеси за транспорт на стоки во Република Северна Македонија. Се забранува правење достапни на пазарот пластични кеси за транспорт на стоки без наплата на надомест за крајните корисници. По исклучок се дозволува да се прават достапни на пазарот 100 отсто биоразградливи пластични или хартиени кеси за транспорт на стока без надомест на крајните корисници, кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, со исклучок на оксо-биоразградливи и оксо разградливи производи – велат од ресорното Министерство.

Надлежните додаваат и кои кеси во иднина ќе се наплатуваат и како трговците ќе водат евиденција за продадените кеси:

– Цената која треба да ја платат крајните корисници и потрошувачи за пластична кеса за транспорт на стоки изнесува 10 денари од парче и се плаќа на трговецот на мало на местото на продажба. Трговецот на мало е должен да води евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси на продажното место, да води евиденција за бројот на продадени кеси кои се продаваат на продажно место и да ја пренесуваат вкупната сума добиена од продадените кеси. Продажбата на квартална основа треба да ја пренесуваат на посебна сметка на име на државниот орган на државната управа, надлежен за вршење на работите од областа на животната средина отворена за таа намена – објаснуваат од Министерството.

„Кеса, не, благодарам…“

Од неодамна, на Фејсбук е активна и групата „Кеса, не, благодарам, торба си носам“, која секој ден има сѐ повеќе следбеници.

Скопјанка, која речиси комплетно ги елиминирала кесите од употреба, порачува:

– За да пазарувате без пластични кеси треба само малку да се преорганизирате. Не е толку тешко како што си мислите. Во количката за на пазар си имам спремно десетина платнени торби и им ги подавам на продавачите на пазар за во нив да ми мерат овошје, зеленчук, салати… Секако, кесата е само за до дома, потоа ионака ги фрламе. Некои трговци ме гледаат зачудено, а други благонаклоно и додаваат – камо среќа што повеќе граѓани да си носат торби, а не да земаат и по неколку кеси, особено кога се гратис. Самите колку што можеме, а многу можеме, мораме да ја заштитиме и зачуваме животната средина. Инаку, се задушивме од пластика, кеси летаат на првиот ветер, а  пластични шишиња, кои што нема да ги соберат за рециклирање, пловат по Вардар и по други реки.

Без пластика, вкупниот волумен на амбалажен отпад би се намалил за околу 160 отсто, 36 отсто пластика се употребува при изработката на разни пакувања.

Во домашниот отпад, за илустрација, според Министерство за животна средина и просторно планирање, учеството на пластиката е следно:

– полиетилен и полипропилен – 65 отсто (од полиетилен се изработуваат фолии за пластеници, кеси, амбалажа за козметика итн., од полипропилен се изработува амбалажа за козметика, туби за јогурт, шишиња за сируп и друго),

– полистирен – 15 отсто (од полистирен се изработуваат пластични бели чаши за кафе, сокови, бела амбалажа за прехранбени производи (маргарин, путеритн),

– ПВЦ (поливинил хлорид) 10 отсто (од ПВЦ се изработуваат фолии, шишиња за масло за јадење итн.),

– ПЕТ (полиетилен терефталат) 5 отсто (од ПЕТ изработуваат фолии, шишиња за медицинска потреба, сокови итн.),

Само 5 отсто од пластиката може да се рециклира.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...