Кино на отворено небо, сцена за театарски претстави и павилјони за настани на отворено кои се предложени да се градат на скопско Кале денеска беа презентирани на отворањето на изложбата „Уметничка тврдина: Меѓународен конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале“, во Музејот на современата уметност.
Изведбата на овие павилјони е во следната, трета фаза од проектот што треба да биде реализирана во наредните месеци. Проектот е финансиран од програмата за истражување и иновација Horizon 2020 на Европската Унија за ревитализација на културното наследство во историските градски центри.
– Реализацијата на овој проект, во кој партнери се Град Скопје и Архитектонски факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, и секако Музејот на современата уметност во Скопје, како локален партнер, е важна од повеќе причини. Овој конкурс е прослава на едно ново партнерство без кое не може да успее ниту еден град – рече деканот на Архитектонски факултет, проф. д-р Огнен Марина.
Првата награда од 125.000 денари беше доделена на проектот на Александра Шулевска и Кристоф Шлислер, архитекти од Берлин, и на проектот на Ана Рафаиловска, Марија Антиќ Николова, Лидија Ристовска и Невенка Манчева Аџиевска, архитекти од Скопје. Третата награда од 50.000 денари отиде кај Александар Врангалоски и Елеонора Поповска, архитекти од Берлин, со соработниците Лазо Лазаров и Маја Бошковиќ.
– За вас помладите, ова нека биде пример и за начинот на кој треба да се однесувате кон јавниот простор, тоа што не беше многу присутно во минатото – рече градоначалникот Петре Шилегов.
„Кале, културна тврдина“ е проект што Музејот на современата уметност во соработка со Архитектонскиот факултет започна да го развива од 2016 година за да го сврти вниманието на јавноста кон потенцијалите на овој драгоцен простор во центарот на Скопје и да понуди визија и концепти кои би го претвориле во динамично, атрактивно и гравитациски силно културно средиште.
На Меѓународниот конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале пристигнале 17 трудови од архитекти и архитектонски тимови од Македонија, Србија, Црна Гора, Германија, Турција и од Англија. Целта на Конкурсот беше развој на идеен архитектонско-урбанистички проект, што го опфаќа просторот на ридот од тврдината до Француските гробишта и чија што основна цел е да ја поттикне обновата и преобразбата на Калето во нов градски предел со различни програмски, просторни и пејзажни квалитети.
Изложбата ќе може да се види во Музејот на современа уметност во Скопје до 03. ноември.