Брзо ќе дојде време кога во Македонија повеќе нема да има кој да ги лечи пациентите. Освен специјалистите, од државата си одат и матични лекари и медицинските сестри, а има и такви кои си заминуваат и веднаш по завршувањето на факултетот.
Во меѓувреме, сѐ повеќе пациенти, а особено онколошки, мака мачат затоа што лекарите се затрупани со работа и реално немаат доволно време за секој од нив, па заминувањето на секој дополнителен поединец е дополнителен проблем.
Најчесто лекарите заминуваат во Германија, Австрија, Канада, но не се ретки ниту оние кои своето место под сонцето го бараат во Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија…
Додека претходно најмногу си заминуваа радиолозите и анестезиолозите, денеска си одат лекари од сите специјалности, а добри понуди за бегство од државата има и за матичните лекари. Токму таква е и понудата која е отпечатена на флаерот залепен на стаклената врата од влезот на Онкологија. Барем на прв поглед. Оти не знаеме колкави се таму трошоците за живот. На пример, велат дека за изнајмување стан се плаќаат околу 3 илјади евра. А во случајов, понудата е плата од 6 до 10 илјади евра.
Но, покрај значително поголемите примања во здравствените институции во светот, домашните стручњаци на овој чекор се одлучуваат и поради сигурноста, односно, фактот дека таму повеќе се почитува професијата.
И така… Си заминуваат лекарите, си заминуваат сестрите, само пациентите се множат. Ако овој тренд на заминување на докторите продолжи, наскоро нема да имаме радиолози, анестезиолози, хирурзи, ортопеди, па дури ни матични лекари и медицински сестри.
Водоводџии веќе одамна немаме. Знам од лично искуство! Ама потешко е личното искуство кога станува збор за лекари, нели?
Затоа, на ваквите флаери со понуда за бекство на лекарите од државата, местото сигурно не им е на вратата од клиниките. И тоа токму на онаа врата зад која се и најголемите гужви, на Онкологија!