Социјалната мрежа Фејсбук подготвува нови мерки за претстојните претседателски избори во САД следната година.
Фејсбук најави дека внимателно ќе ги следи „медиумите кои се контролирани од државата“ и се обидуваат да манипулираат со расположението на гласачите.
– Се соочуваме со повеќе софистицирани напади од агенти контролирани од државата. Но, верувам дека сега сме многу подобро подготвени отколку за изборите во 2016 година – изјави сопственикот на Фејсбук, Марк Закерберг.
Една од новите мерки е дека информациите кои доаѓаат од медиумите контролирани од влади на други земји, ќе се појават со назнака во која ќе се наведе нивниот извор. Друга мерка е дека кога корисниците ќе се обидат да споделат вест за која е утврдено дека е лажна од сајтовите за проверка на веродостојноста, ќе биде издадено предупредување дека информацијата е сомнителна.
Фејсбук, исто така, објави дека преземал дополнителни мерки за да спречи профилите на политичарите и другите учесници во изборниот процес да бидат хакирани или компромитирани од злонамерни лица или организации.