Маја (Стевановиќ) пред две години ја напиша драмата „Систем ерор“ како некакво можно ехо на тогашниот „систем“ на злосторничкото здружение на власт. И во една реплика, еден од ликовите (Обвинителот) вели: „Нема совршен систем“.
И нема! Ама има – совршен хаос, и ние го живееме, сега и тука. Зашто, кај нас, денес, после оние дванаесет црни години, функционира сѐ друго освен систем, односно: ако Македонија има околу 140.000 јавни административци на државни јасли наместо (приближно европскиот стандард за нашата „големина“) 60-70 илјади; ако Клиниката за гинекологија има само 6 неонатолози наместо стандардните 24; ако македонските театарски и музички институции во последнава деценија имаат 100 отсто превработеност наспроти европскиот стандард на работа по договор и аудиција (барем за актерите и оркестрите!); ако еден „градоначалник“ оставил 18 милиони евра долг и никој не го гони ама затвораат луѓе за 10 ќебапи … тогаш тоа значи дека државата живее во хаос а не во систем. Или, ако баш сакате, ако еден „систем“, или хаос, како сакате, дури денес, за прв пат, открива дека и затворениците се луѓе на кои што, можеби, им треба парче култура, дури и да е минимално, како подадена рака за ресоцијализација, тогаш за каква тоа држава / систем можеме да говориме? Зашто, систем подразбира организирана целина, сет на процедури и постапки, суптилен механизам во кој што сите делови функционираат компатибилно … а за нас, денес, систем би значел и придржување до некои / некакви (барем ЕУ) стандарди и прописи, ако таа ЕУ е целта кон која стремиме како држава. Всушност, слично како што стандардите на НАТО – асоцијација кон која што подеднакво стремиме – и’ наложи на државата да има професионална војска, со конкретна а не наша произволна бројност, со организација и наоружување каква што одговара на стандардите на таа меѓународна воена организација итн.
Оттука, организацијата на целата држава односно државна управа, вклучувајќи ја тука неизбежно и културата, (ќе) подлежи на (нова и радикална) реорганизација / систематизација која што ќе осмисли нов ред / систем во сите области. Освен, нели, ако сегашниот хаос ни е толку прираснат за срце. Ама дури и да е така – а изгледа дека е така! – на крајот (некаде кон 2025, ако има Господ) ќе нѐ натераат да прифатиме сѐ она што не сме сакале или да си останеме во истиов балкански смрдлив жабурник. И тоа е уште еден важен историски миг кој што мора да биде препознаен од актуелните македонски политичари, миг кој што не допушта слабости и толеранција на секакви клиенти, мативоди и профитери само затоа што некому се прираснати за срце заради една или друга причина, па нека е и најпријателска.
Ова впрочем е мигот во кој што и македонската култура едноставно мора да избори надеж за воведување на целосно нов систем на однесување и вреднување во културата, систем што ќе биде компатибилен (во најголема мера) со европскиот, и систем кој што полека но сигурно ќе се ослободува од сите партиско-клиентелистички, пријателско-профитерски и социјални крајности залегнати врз нејзиниот грб. Зашто таа, културата, не е ни партиско ниту клиентелистичко, уште помалку пријателско и профитерско, а најмалку социјално поле за згрижување на поединци и групи под државна закрила. Тоа, всушност, бевме до вчера, и не само дванаесет туку многу повеќе години. И тоа го знаат сите кои малку подолго паметат во македонската култура. А во таа насока, новиот систем ќе мора да се ослободи од старите разбирања на културата и државната улога во истата само како автомат за пари, еднаш или неколку пати во годината. Министерството за култура ќе мора да наметне нови перспективи – дел од нив веќе зацртани во Националната стретигија – во кои што јавното ќе биде пред приватното, општото пред личното, развојното пред социјалното, систем во кој што нема да има повластени и маргинализирани, развиени и запустени, пароли од типот „сите сме уметници“ или да негува национални ѕвезди на кои што празот сѐ уште им ѕирка од ушите. Новиот систем ќе мора да бара стручност, професионалност, одговорност и отчетност. Ако тоа го нема, нема (да има) ни компетентни институции, нема (да има) ни професионален кадар, нема јавен (туку има некаков друг) интерес во културата, нема – уметност. А тогаш и понатаму ќе има типови кои со години живеат во странство а Македонија им плаќаме социјално и здравствено осигурување, а на некои богами и плати; ќе има „њујорчани“ во божем постојан „судир со културниот естаблишмент“ (бреее, какви жртви!) кои катагодишно го празнат буџетот; и понатаму ќе има семејни клиенти на кои им плаќаме милионски суми за нивни маломозочни испрдоци спакувани во националистички „проекти од национален интерес“; и понатаму ќе врие од партиски миленичиња, културни профитери и разноразни пришипетљи. Ако за слични, и други постапки во времето на консолидацијата на македонската културата имало некакви историски „оправдувања“ во некое далечно минато, денес таквите нешта се знак на системско безредие, неспособност, на хаос и толеранција на црнилата во културата. Денес таквите „оправдувања“ – божем национални а всушност националистички, божем социјални а всушност клиентелистички, божем стручни а всушност профитерски – само ја товарат културата со неподнослив гнилеж и смрдеа од кои што ќе треба време да куртулиме.
Ако Брисел, сега, „јасно ја препознал политичката воља за напредок“, тоа нема да биде баш така за две-три години. Тогаш нема да се препознава воља туку – резултати! И ќе се поставуваат незгодни прашања. Ќе умееме ли да одговориме? Којзнае. Не сум сигурен. Ако продолжиме вака, се кладам дека нема. Токму затоа, или веднаш ќе се зафатиме со комплетен ремонт на културниот „систем“ или ќе каскаме – да не речам ќе ползиме – зад останатите земји од регионот. Иако сосема ми е јасно дека се’ зависи од политичката воља на Брисел, од некои „поважни“ политички ЕУ параметри во оценувањето на напредокот на државите, целосно или во одделни области. Ама македонската култура мора ремонтот да го направи заради себе, не само заради Брисел. Заради состојбите кои ескалираат и тендираат да ја држат културата закостена помеѓу партиски и личнопрофитерски интереси, состојби кои што се не само опасни за културните процеси туку се отровни и за целото општество. И тој гнасен ретрограден ритам го наметнуваат не Владата, не Министерството, туку инсталираната партиска администрација, полуписмените „служби“, но и „видни“ поединци и групи кои влечат свои интереси уште од времето на фирерчето и онаа „Елизабета Прва Глупавата“ (Тричковски, секоја чест!). А на тие, конечно, треба да им се покаже – вратата!
Извор: Теодосиевски