Ако се изгаснат светлата на Рузвелтова, ќе крахира обезбедувањето на „бомбите“

Доказите и „бомбите“ од постапките на СЈО, како и бројни приватни разговори кои се чуваат во тие простории, можат да останат без безбедносен надзор бидејќи една по една ќе се трупаат сметките за струја, па може да дојде до ситуација кога од ЕВН ќе ги исклучат броилата во зградата на „Рузвелтова“ и ќе крахира безбедносниот систем.

1069

Околу 90 вработени во СЈО ја чекаат септемвриската плата, но кога ќе ја дочекаат зависи од волјата на политичките партии во Собранието. Но, ова не е единствениот проблем, туку тука е и безбедноста на доказите и „бомбите“. Ова прашање може да се реши преку измени во Законот за јавнообвинителска служба, кои се подготвени од Министерството за правда веќе извесен период и се испратени до пратеничките групи, но досега не се најдоа на дневен ред пред пратениците.

Застојот настана откако шефицата на СЈО, Катица Јанева, си поднесе оставка, а и пратениците со огромно мнозинство гласаа за нејзиното разрешување. Таа беше единствената овластена да потпишува во оваа институција. Премиерот Зоран Заев вчера излезе со стравување дека вработените во оваа институција можат да ја тужат државата поради доцнењето на платите, па потоа покрај платите, на грбот на државата ќе паднат и судските трошоци.

Заев ја спомена и сигурноста на предметите, а на тоа алармираат и вработените. Доказите и „бомбите“ од постапките на СЈО, како и бројни приватни разговори кои се чуваат во тие простории, можат да останат без безбедносен надзор бидејќи една по една ќе се трупаат сметките за струја, па може да дојде до ситуација кога од ЕВН ќе ги исклучат броилата во зградата на Рузвелтова и ќе крахира безбедносниот систем. Тука се и сметките за парно-греење, долговите кон мобилните оператори итн. Оние кои можеле да се спречат, веќе се откажани, па од минатата недела на адреса на СЈО не пристигнуваат весници, а откажани се и услугите на фирмата задолжена за чистење.

Кога е во прашање платата, исплатата официјално доцни една недела бидејќи законскиот рок предвидува септемвриската да се префрли до 15 октомври. Во разговор со дел од вработените, тие ја имаат предвид опцијата платите да ги бараат по судски пат, но засега не е покрената никаква иницијатива бидејќи, како што велат, доцнењето е само една недела. Меѓутоа, ако не се наѕира крајот на одолговлекување со решавање на проблемот, спремни се во иднина да ја искористат и оваа законска можност.

Покрај тоа, велат тие, на 1 ноември им истекува и здравственото осигурување, па може и цели семејства да останат без него бидејќи меѓу вработените има и случаи со еден вработен од семејство. За да не останат без него, дел од нив се спремни сами да си го платат здравственото осигурување, па потоа кога ќе се реши ситуацијата преку Фондот да пробаат да си ги вратат парите.

Последниот одговор од надлежните за тоа до каде се процедурите за решавање на овој проблем, е дека измените во законот за јавнообвинителска служба се подготвени од Министерството за правда и набргу по разрешувањето на Јанева се испратени до пратениците и сега на ред е Собранието. Законот за јавнообвинителска служба е „полесниот“ пат да се реши ова прашање, а другиот е донесување на Законот за јавно обвинителство.

Заев вчера изјави дека се надева дека може и тој да се донесе.

– Никој не прашува како вработените во СЈО немаат земено плата за септември, нема кој да потпише. Сите се надеваат на овој закон или во парламентот да се усвои другиот закон за јавнообвинителска служба за да му се предаде на Јовески да потпише и да можат да земат плата. Ако не им се даде плата ќе тужат на суд, ќе нè добијат, па со адвокатски, судски и извршителски трошоци ќе си ги земат парите од државата. Да бидеме мудри, за наши граѓани се работи. Втора причина е за осигурување на предметите и трето, направивме демократски исчекор, на предлог на опозицијата дадовме парламентот со консензус да може да избере обвинител за гонење на висока корупција – рече премиерот.

Од опозицијата, пак, денеска брифираат дека чекаат сигнал од власта за да продолжат разговорите за законот. Кај нив, велат, има расположение тој да биде донесен пред да се распушти Собранието во пресрет на изборите. За изјавата на Заев во делот на тоа дека власта се согласила опозицијата да предлага обвинител, од ВМРО-ДПМНЕ ова го толкуваат како блефирање од премиерот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...