Иако речиси еден месец е есен, расцутеа кокичиња и други предвесници на пролетта, кои вообичаено цутат во февруари, март. Топлото време, кое трае веќе трета недела во октомври, со исклучително високи температури од дури 30 степени Целзиусови, ги измами и дел од цвеќињата, а не чудете се ако во дворот забележите дека процутеле и сливи и други коскести овошки. Уште зујат и комарци, чии легла, како и на другите инсекти, ќе ги уништи првата слана која се очекува наскоро да падне.
Вакво топло време ќе потрае до крајот на неделава, прогнозираат од УХМР, а агрометеоролозите појаснуваат што може да предизвикаат овие невообичаено високи температури и долготрајната суша.
– Од понеделник се очекува да паднат температурите, но ќе продолжи стабилно и суво време, за жал, врнежи нема. Може да процветаат и овошките, и тоа слива, бадем и други од раните сорти, а за ова да не се случи, нема заштита која би ја презеле сопствениците. Кај дел од растенијата се формирани цветните пупки, а бидејќи кај коскестите побрзо се формираат – во првата половина од август, тие побрзо може и да процутат иако е есен. Додека кај јаболчестите, како јаболко, круша, дуња, се формираат во втората половина од август. Затоа и препорачуваме овошките да се наводнуваат во август, ако сакаме добар род да има наредната година. За овие овошки што сега ќе процутат не можеме да кажеме дека тоа е голем аларм, но факт е дека кај тие што процутеле сега, изгубени се пупките, па ќе немаат ниту род. Може на едно дрво да се случи да се појават по пет-шест цвета – појаснува Ангелко Ангелески, советник за агрометеорологија во УХМР.
Тој додава дека цвеќињата како кокичиња се измамени од топлото време и веќе расцутеле, бидејќи им погодуваат сегашните услови – студени утра и топло време преку денот, како што е напролет.
– Важно е да се каже дека сега има поволни услови и за развој на болестите и штетниците. Но кога ќе падне првата слана, а веќе е време, ќе паднат и листовите од растенијата, а со нив и јајцата на инсектите, па нема да има услови да се развијат и комарците и други инсекти. Сигурно и дека на есенската сеидба крајно неповолно влијае претоплото време во октомври, бидејќи температурите од плус 30 степени ја земаа и онаа влага што ја имаше во земјата, но нема пролонгирање на сеидбата поради овие услови – вели Ангелески.
Сепак, топлото време делува поволно на некои земјоделски култури.
– На бербата на тутунот и оризот влијаат поволно овие временски услови, како и на бербата на овошјето, како јаболки, круши, а и на грозјето, чија берба еве е при крај – вели Ангелески.