Судењето за кичевскиот „бомбаш“ Шекерим Ахмеди, познат как Ел Чека, во судот во Кичево се одложи затоа што неговата одбрана бара да се изземе судијката Билјана Кижевска поради нетранспарентност и пристрасност во постапката. На обвинетиот му се суди во отсуство, а во судскиот процес го застапува адвокат овластен од семејството.
Судењето е пред самиот крај, а на денешното рочиште и обвинителот и адвокатот требаше да ги изнесат завршните зборови.
Со нив можеше да се заврши и на претходното рочиште на 30 септември, но токму по барање на одбраната за да може да се подготви, судијката завршните зборови ги закажа за денеска.
По денешното одложување не е определен конкретен датум за наредното, бидејќи прво треба да заврши постапката за барањето за изземање.
Ел Чека по потекло е од кичевско, а е иселен во САД. На социјалните мрежи почна да објавува „бомби“, за кои тврдеше дека ги добил од тројца обвинети во случајот „Диво Насеље“. Најголем дел од телефонските разговори кои ги објавуваше се однесуваа на членови и функционери од ДУИ.
Потоа набргу, кичевското обвинителство покрена обвинителен предлог против него со кој на товар му го става кривичното дело неовластено прислушување и тонско снимање.
Паралелно, во пресрет на денешното судско рочиште, пред кичевскиот суд се одржа и протест на група граѓани за поддршка на Ел Чека. Тие носеа и фотографии од функционерите на ДУИ: Али Ахмети, Муса Џафери, Садула Дураку, Артан Груби, Блерим Беџети, Бујар Османи, Теута Арифи и Агим Нухиу. Под секоја фотографија имаше по една буква, а кога ги наредија една до друга на албански пишуваше „криминалци“.