Милошоски: Има три можности да се врати уставното име

11386

Да се потпише спогодба од суштинско значење, а без притоа да се бараат силни гаранции е како да се согласите да ви ја ампутираат ногата без претходно да побарате второ и трето мислење од други лекари, вели поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, во интервју за Франкфуртер Алгемајне Цајтун, по добиеното вето од Франција и покрај промената на името.

– Доколку се направи таква грешка, ногата ќе ја изгубите без разлика колку долго и гласно ќе плачете по нејзе. За жал, нашата Влада направи токму таква грешка. Таа потпиша договор со Грција во кој Македонија направи досега невидени концесии. Граѓаните на нашата држава беа изманипулирани. Беа убедувани дека токму таа Спогодба ќе ни обезбеди членство во ЕУ. Таква беше и пропагандата пред референдумот за промена на името. Меѓутоа, реалноста е поинаква. Франција и некои други земји членки, проширувањето на ЕУ не го гледаат како приоритет, туку како товар. Во такви околности, полноправното членство во ЕУ во следнава деценија станува невозможна мисија, па дури можеби и за подолго време – вели Милошоски.

Споре него, има три можности да се врати уставното име но како што вели, сите се многу комплицирани.

– Една можност е Уставниот суд да ја поништи Спогодбата со Грција. Тоа би се случило врз основа на референдумот од минатата година, на кој немаше мнозинство за промена на старото име. Потоа, тука се и оние пратеници во нашиот парламент кои под принуда, закани и уцени, значи против нивната слободна волја, гласаа за промена на името. Тие се соочуваа со закани за затворски казни од страна на Специјалното јавно обвинителство или судии под контрола на власта ако не гласаат за промена на Уставот. Доколку по промената на Власта најдат храброст, јавно да проговорат за тоа и се обратат до државното обвинителство, би можело да се промени атмосферата и да се девалвира тогашното двотретинско мнозинство и повторно враќање на претходниот Устав – смета Милошоски.

На прашањето дали смета дека треба да се реформира процесот на пристапни преговори со ЕУ, Милошоски вели:

– Процесот на проширување на ЕУ е клинички мртов. Следните 2-3 години ќе покажат, дали во ЕУ има политичка волја, преку реформи, истиот повторно да оживее. На политиката на проширување на ЕУ и недостасува стратешки правец. На Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија со секоја година ќе им станува се потешко да веруваат во перспективата за полноправно членство и во тој правец да ја ориентираат својата политика. Затоа нашите држави би требало на еден од следните Самити ЕУ-Западен Балкан да бараат разјаснување. Наивните ветувања не се доволни. Добра можност да се покаже дека потребните реформи во државите од западниот Балкан се поддржуваат не само со празни зборови би било на регионот да му се дозволи барем парцијално да учествува во користењето на стриктурните фондови од ЕУ.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...