Која Беса ќе стане дел од Владата ќе треба да пресече премиерот Зоран Заев, откако скопското крило на партијата предводено од Африм Гаши, денеска услови дека нема да седи на Илинденска во друштво на Билал Касами, предводник на тетовското крило.
И двајцата лидери на Беса се гледаат во Владата на Заев, по одделните средби кои ги остварија со премиерот. Заев, барем според досегашните изјави, ја сака цела Беса во Влада, бидејќи на контото на парламентарното мнозинство ќе додаде полус пет пратеници, а тоа како што самиот изјави му е главна цел за најавената владина реконструкција – зголемување на парламентарното мнозинство.
На Касами не му пречи Гаши и како што велат од неговото крило тој начелно договорил ресорско министерство на средбата со Заев
Гаши пак, смета дека на премиерот не му е потребно меѓусебните недоразбирања на двете крила на Беса да ги внесе во Владата.
Висок функционер на СДСМ брифира дека позицијата на премиерот е непроменета за вклучување на двете крила на Беса во Владата. Условувањето го коментираат како позиционирање пред финалните преговори за учество во владата. Сепак, функционерот вели дека доколку Заев биде принуден да избере, предност ќе има Беса на Гаши и тоа токму поради бројот на пратениците. Крилото на Гаши брои тројца пратеници, наспроти двајцата пратеници од крилото на Касами.
Неофицијално, и ДУИ е по наклонета кон Беса на Гаши. До плус пет пратеници во мнозинството сака да стаса со двајцата на ДПА. ДУИ не крие дека му чува министерско столче на Мендух Тачи во испразнетиот ресор кој го предводеше Рамиз Мерко. Но, за оваа комбинација проблем е отпорот на Заев кон Тачи, односно недоврбата помеѓу двајцата лидери. Размислувањата на социјалдемократите се дека со ДПА во власта немаат сигурни двајца пратеници, бидејќи Тачи два пати годишно доаѓа во Собранието. Од ДПА досега не се изјасниле дали се гледаат на Илинденска.
Со колку пратеници ќе се засили владеачкото мнозинство ќе се знае наскоро, по калкулациите на Заев која комбинација му е добитна.