За избори се договорија, за попис и реформа на изборниот модел тешко

Судејќи според првичните изјави на лидерите, тешко дека во пресрет на изборите ќе се договорат и други долгонајавувани чекори: попис на населението и реформа на изборниот модел.

1945

Македонија ќе гласа на предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година, договорија партиските лидери на средбата кај претседателот Стево Пендаровски во Вила Водно. Тие изградија и цврст консензус дека не прифаќаат друга алтернатива освен полноправно членство во НАТО.

Но, судејќи според првичните изјави на лидерите, тешко дека во пресрет на изборите ќе се договорат и други долгонајавувани чекори: попис на населението и реформа на изборниот модел.

Попис: Заев е за 2020, Мицкоски за 2021

Во однос на пописот, кој актуелната власт планираше да се одржи следната година, премиерот Зоран Заев рече дека неговиот став е тој да се спроведе следната година по изборите, а доколку Државниот завод за статистика е подготвен, тогаш да се спроведе и пред изборите.

– Важно е ден поскоро да го имаме пописот – рече Заев.

Мицкоски, пак, смета дека 2020 не е година кога треба да се спроведува попис, туку наредната 2021. 2020, според него е крај на една декада, додека 2021 е почеток и тогаш се прави попис во сите европски држави.

Тој рече дека ставот на партијата е јасен, конзистентен и непроменет, дека бараат да биде според стандардите на Еуростад и оти на актуелниот предлог на власта имаат над 20 суштински забелешки.

Лидерот на најголемиот коалициски партнер на СДСМ, Али Ахмети во врска со одржувањето на изборите, без спроведување на пописот, Ахмети изјави дека ќе се види како тоа „ќе се изменаџира“ и кога ќе може технички да се спроведе пописот.

– Сега е значајно да се испочитува датумот за изборите и потоа да зборуваме за пописот – рече Ахмети.

Опозиционерот Зијадин Села, не гледа пречка да се спроведе попис бидејќи тој претставува технички процес, но посочи дека попишувачите треба да бидат што е можно помалку политизирани.

– Нема никаква причина пописот да се одржи и во кампања и после избори – рече лидерот на Алијанса за Албанците.

Изборен модел: Заев оптимист, Мицкоски песимист

Кога станува збор за реформа на изборниот модел, лидерите на најголемите партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се со спротивставени очекувања дали таков чекор може да се спроведе.

Премиерот Зоран Заев е оптимист дека може да се постигне договор и за оваа реформа.

– Овој датум ни определува можност да разговараме за изборниот модел. Како претседател на најголемата политичка партија во државата останувам на ставот дека државата треба да прави исчекор кон демократизација на процесот. За СДСМ е прифатливо една изборна единица и отворени листи. Сакам да ги слушам помалите политички партии затоа што многу често поголемите партии се собираме и не е чесно само ние да одлучуваме. Имав состанок со нив и тие се за една изборна единица. Верувам дека државата ќе смогне сили да направи исчекор кон поголема демократизација преку избирачкиот процес, односно Изборниот модел за да го зајакнеме плурализмот во државата преку Парламентот – изјави Заев.

Опонентот Мицкоски смета дека во овој период може да се спроведат само препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

– Кога зборуваме за нов изборен законик, препораките што се на ОБСЕ/ОДИХР, сигурен сум дека во периодот којшто следува ќе бидат дел од новиот изборен законик  кој ќе важи за следните избори. Доколку ме прашувате за ревидирање на изборниот модел, не сум оптимист дека нешто може по тоа прашање да се случи за овие избори. За некои следни, може – рече Мицковски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...