Првиот дел од лидерската средба во Вила Водно заврши. Постигнат е консензус дека сакаме во ЕУ и не прифаќаме понуда поразлична од полноправно членство во ЕУ, а сега на ред е втората тема – предвремените избори.
За неа лидерите дискутираат во моментов, а претседателот Стево Пендаровски даде краток коментар, велејќи дека не е негово да кажува кога да има избори ама инсистира на консензус, како и дека не сака поради изборите да се одолговлекува процедурата за пристапување во НАТО.
– Јас инсистирам на тоа дека мора да има консензус меѓу власта и опозицијата. Мојот првичен впечаток е дека таква согласност постои. Кај партиите на власт, кај премиерот и другите, не видов желба да го заобиколат тој пат на консензуално договарање за избори. Она што јас имам мала корелација, е дека ние во моментов во однос на приклучување кон НАТО сме на 24 од 29 земји членки кои го имаат ратификувано пристапниот протокол. Но, пона што треба да го знаеме и да го повториме, ја чекаме Шпанија има избори на 10 ноември, после тоа кога сите ќе ратификуваат има уште еден чекор. Треба ние да ратификуваме во нашиот парламент и им реков „ваша работа е договарајте се, но имајте го тоа предвид“. Не би сакал, сега заради технички причини сега од наша страна, ова да се одложува зошто навистина мислам после долги години час поскоро треба да стане членка на НАТО и се надевам дека сите политички лидери ќе го имаат тоа предвид – рече Пендаровски.
На лидерската во претседателската вила, каде во моментов се разговара токму за изборите, присутни се лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицковски, а од партиите на Албанците присуствуваат пвите луѓе на ДУИ, Али Ахмети, на БЕСА, Билал Касами, на Алијанса на Албанците, Зијадин Села и на Алтернатива, Африм Гаши. Во вила „Водно“ иако ненајавен пристигна и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
Фото: МИА