Премиерот на Русија, Дмитриј Медведев, за време на еднодневната официјална посета на Белград, со претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ разговараше за билатералните трговски, економски и културно-хуманитарни односи, како и за Косово. Повод за посетата на Белград е одбележувањето на 75-годишнината од ослободувањето на Белград.
– Русија ја поддржува Србија и е подготвена да и ја обезбеди потребната помош за зачувување на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет – изјави рускиот премиер Дмитриј Медведев, обраќајќи се пред членовите на српскиот Парламент.
Медведев истакна дека Русија се залага исклучиво за мирно решавање на постојните проблеми, врз основа на Резолуцијата 1244 на ООН.
Тој изрази надеж дека Европска Унија нема да и забележи на Србија за потпишувањето на трговски договор со земјите од Евроазиската економска унија (ЕАЕУ). Тој истакна дека ставот на ЕУ „или исток или запад“ не води во вистинската насока.
– Сакаме ситуацијата на Балканот да остане стабилна и безбедна и сакаме соработка со сите земји на Балканот – наведе Медведев.
Тој ја истакна важноста за зачувување на националните интереси, кои не треба да се во спротивност на моделот на глобализација и отвореното општество, потенцирајќи дека националниот идентитет е во основа на која било државност.
– Не треба да се оди на запад или на исток, туку да се размислува прагматично и да се развива прагматична соработка. Ние сме против конфликтен пристап – истакна Медведев.
Тој се заблагодари на Србија за принципиелниот став да не се приклучи на санкциите кон Русија.
Медведев потсети дека договорот со Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) ќе биде потпишан на 25 октомври во Москва во присуство на српската премиерка Ана Брнабиќ со што Србија ќе добие пристап до пазар од 180 милиони луѓе.
На прес-конференцијата по билатералната средба на српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот премиер Медведев беа повторени заложбите за српско-руското пријателство, а беа потпишани и повеќе билатерални договори и меморандуми за соработка во областа на науката, економијата, стопанството, сообраќајната инфраструктура и иновациите.
Српскиот претседател Вучиќ на прес-конференцијата најави дека на 4 декември во Сочи ќе се состане со рускиот претседател Владимир Путин, што ќе биде нивна 17-та средба.
Фото: EPA/ANDREJ CUKIC