Оставка на премиерот Зоран Заев и на владата и распишување на предвремени избори, побара лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, бидејќи како што вели, премиерот и владата треба да понесат одговорност за неуспехот земјава да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.
– И ние како и граѓаните длабоко сме разочарани не од ЕУ туку од внатрешните случувања и немањето капацитет на власта да направи реформи. Дојдоа на власт само со ветувањето дека преку правда ќе се гради мир. Ниту правда градевме, ниту мир. Проблемот е што наместо да се соочи со корупцијата и криминалот владата стана дел од корупцијата. Владата наместо да ја избере правдата, прогресот, иднината како земја членка на ЕУ, одбра криминал. Владата треба да плати цена за неуспехот. Цената е преку оставка и распишување на предвремени парламентарни избор – рече Села.
Тој потврди дека добил покана од претседателот на државата Стево Пендаровски и дека ќе учествува на лидерската средба во недела.