Талат Џафери удри на штедење, денеска зачува 30 илјади евра

936

Собранието кое денеска требаше да го одржи четвртото продолжение на 114.седница ќе заседава в понеделник затоа што поради службено отсуство на повеќе пратеници кои се надвор од земјава не може да се обезбеди кворум, а нерационално е да се трошат пари за седница, а да не може да се спроведе гласање по точките, велат собраниски извори и додаваат дека на овој начин, ќе се заштедат триесетина илјади евра, колку што чини одржувањето на една пленарна седница вклучувајќи ги и патните трошоци за пратениците.

Службено, надвор од земјава беше и собранискиот преседател Талат Џафери кој предводеше собраниска делегација која синоќа се врати од Белград каде што се одржуваше 141. Собрание на Интерпарламентарната унија, а генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова која исто така беше во Белград на заседанието на Здружението на генералните секретари на парламентите (ЗГСП) учествуваше во генералната дебата на тема: „Како работата на парламентите да биде подостапна за лицата со попреченост“. Во делегацијата беа и пратениците Јован Митрески, Диме Велковски, Димитар Стевананџија, Агим Шаќири и Јулиана Николова.

Македонски пратеници има и во работна посета на Албанија.

Собранискиот претседател Талат Џафери уште на почетокот на својот мандат се залагаше да се направи ред во Собранието за да не се прават непотребно трошоци, потсетувајќи, колку чини еден ден во пленарната сала, трошок кој го плаќаат граѓаните. Тој инсистираше во работата на парламентот да се почитува Деловникот и роковите пропишани во него, за да не се денгуби на празни дебати кои прескапо не чинат.

Пратениците в понеделеник се очекува да расправаат за измени и дополнувања на неколку предлог – закони, но и да го разгледаат посебниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата за финансирањето на изборната кампања.

Станува збор за кампањата за претседателски избори и предвремени избори за градоначалник на општина Охрид, градоначалник на општина Ново Село и градоначалник на општина Дебар. Пратениците ќе дебатираат и за  предлог – одлуката да се формира Анкетна комисија за утврдување на прекршување на законите и злоупотреби во работењето на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите, поднесен од група пратеници.

На дневен ред се и законот за задолжително осигурување во сообраќајот, за воздухопловство, за инспекторат за употреба на јазиците, во второ читање.

Предвидена е расправа за предложениот закон за изменување на законот за основање државен универзитет „Гоце Делчев” во Штип, потоа за предлог – законите за изменување на законите за основање на Технолошко – технички факултет, Ветеринарен факултет и Правен факултет во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Пратениците ќе расправаат и за данокот на добивка, за извршување на санкциите, сите по скратена постапка, како и за предлог – законите за класифицирани информации, за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, во прво читање.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...