Ангеловска-Бежоска: Тензиите САД – Кина, преку посредни канали, може да се рефлектираат и во домашната економија

Ефектите од кризата САД - Кина врз нашата економија, според гувернерката, би можеле да дојдат главно преку посредните канали, односно тие зависат од степенот во кој би била погодена европската економија како наш најзначаен трговски партнер и особено од тоа што ќе се случува во германската економија.

154

Македонската економија не е директно изложена на ризиците од глобалните трговски тензии. Нашата трговија и со Соединетите Американски Држави и со Кина е мала, вели во интервју за „Гласот на Америка“ гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска која заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка во Вашингтон.

– Ефектите од кризата меѓу САД и Кина, врз нашата економија би можеле да дојдат главно преку посредните канали. Тие зависат од степенот во кој би била погодена европската економија како наш најзначаен трговски партнер и особено од тоа што ќе се случува во германската економија. Германската економија за нас е од голема важност, со оглед на високиот степен на интегрираност на нашата економија во германскиот синџир на производство – вели Ангеловска-Бежоска.

Коментирајќи ги односот на финансискиот сектор и мерките кои ги носеше Централната банка, гувернерката, вели дека финансискиот сектор ги следеше сигналите на Народната банка.

– Како што ние ја намалувавме основната каматна стапка, така и банкарскиот систем ги намалуваше активните каматни стапки, што резултираше со поповолни услови за кредитирање и зголемена побарувачка и од страна на корпоративниот сектор и од страна на населението. Секако тоа значеше и значајна поддршка за економскиот раст кај нас – вели гувернерката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...