Заев-Тимерманс: Oдлагањето на преговорите ќе ослободи простор за трети страни

284

Европската Унија сега треба да го направи решавачкиот чекор и да донесе одлука за старт на преговорите за пристапување во членство за Република Северна Македонија, со што ќе се испрати силна порака и до другите земји во регионот дека донесувањето тешки и одговорни одлуки, како и длабоките реформски процеси, се влог за подобра иднина, оценија на денешната средба во Брисел премиерот Зоран Заев и потпретседателот на Европската Комисија, Франс Тимерманс.

Како што соопшти Секторот за односи со јавноста на Владата, на средбата на која присуствуваше и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, Заев во свое име и во име на народот на нашата земја ја истакна благодарноста за поддршката на институциите на ЕУ, како и на земјите членки, за евроинтеграциските процеси и внатрешните реформи.

– Позитивна одлука на европските лидери за старт на преговори со Северна Македонија е логичен одговор за признавање на досегашните испораки на земјата и силен поттик за континуитет на реформите во насока на постигнување на европските стандарди – изјавил Заев на средбата.

Тој потенцирал дека секое одлагање на почетокот на преговорите „ќе ослободи простор за влијание на трети страни, на кои демократските вредности не им се приоритети“.

– Потпретседателот на Европската комисија, Тимерманс од своја страна нагласи дека политиките и остварувањата на Владата на Северна Македонија се за почит и дека имаат силна поддршка од европските институции и од огромното мнозинство на земјите членки на ЕУ, кои се за почеток на преговарачкиот процес за членство – се наведува во соопштението на владината Прес-служба.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...