Младите правници предлагаат да се направи фонд за жртви на трговија со луѓе

91

Во пресрет на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) денеска го промовираше Извештајот на тема „Трговија со луѓе и криумчарење на мигранти во Северна Македонија“, кој има за цел да ја запознае јавноста со ризиците и проблемите со кои се соочуваат бегалците и мигрантите, нивната ранливост, неопходноста од поангажиран пристап на институциите и општеството во целина.

Еден од заклучоците нотирани во извештајот упатува на постоењето на подобрени капацитети на институциите за справување со криумчарењето на мигранти и трговија со луѓе, но во исто време и на недостаток на стратешки мерки кои ќе осигураат одржлив одговор на предизвиците.

Според извештајот, неопходно е да се обезбеди континуирано јакнење на капацитетите за справување со криумчарењето на мигранти и трговијата со луѓе, вклучително и прилагодување на капацитетите и инфраструктурата кои беа изградени во текот на мигрантската криза кон новонастанатите услови.

Во оваа насока, како што се додава во извештајот, потребно е да продолжат и да се интензивираат активностите насочени кон превенирање на ризиците нерегуларните мигранти да станат жртви на трговија со луѓе, како и да се обезбедат соодветни капацитети за прием и сместување на (потенцијалните) жртви на трговија со луѓе.

Извештајот дава препорака враќањето на странците да се врши во постапка утврдена со закон и согласно склучените договори за реадмисија, во која на странците ќе им биде овозможен пристап до правна помош и правни лекови. Овозможувањето на возрасните жртви на трговија со луѓе да го остварат правото на надомест на штета кое им следува како на жртви на кривично дело и основањето посебен фонд за оваа намена е исто така еден од неодложните чекори кои мора да се преземат.

Овој документ е дел од активностите кои Македонското здружение на млади правници ги спроведува во рамки на Проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...