Меркел: Шансите не се добри, но се исплаќа да ѝ дадеме датум на С.Македонија

1174
Photo: EPA / CLEMENS BILAN

Шансите за постигнување согласност на Самитот на ЕУ за давање датум за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија не се добри, оцени германската канцеларка во владината изјава дадена денеска во Бундестагот, пренесува Дојче Веле.

– Ние имаме одговорност кон овие држави. Мислам дека се исплаќа на Северна Македонија и на Албанија да им се даде европска перспектива – рече Меркел.

Пред почетокот на денешниот лидерски самит на ЕУ во Брисел, канцеларката Меркел во германскиот Парламент даде владина изјава, а на самиот почеток се осврна и на темата проширување на ЕУ со Северна Македонија и Албанија.

Во изјавата додава дека во меѓувреме се изградени мостови кон ЕУ-партнерите, кои се уште имаат задршки кон почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија и инсистираат на  поголема транспарентност на процесот на проширување, но сепак, како што вели, шансите за постигнување согласност на ЕУ-самитот не се добри.

– Германија чувствува посебна приврзаност кон земјите од Западен Балкан и сака да ги приклучи кон ЕУ – истакна Меркел, според која приемот на земјите од Балканот е во интерес на Германија и на самата ЕУ.

Посочи дека земјите од ЕУ мора да опстојат на дадените ветувања кон овие земји, зашто тоа ќе значи и обезбедување стабилност и благосостојба на самата ЕУ.

По вчерашната средба во Тулуз со Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Северна Македонија и Албанија треба уште малку да се стрпат пред да добијат одобрение за почеток на преговори со ЕУ. Макрон кажа дека двете земји направиле значителен напредок во домашните реформи, но тоа, засега, не е доволно. За разлика од него, Меркел оцени дека има уште малку простор на самитот на ЕУ, двете земји да се усогласат.

Photo: EPA / CLEMENS BILAN

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...