Речниот песок е злато за Росоман, прекумерното црпење е проблем

Како еден од предлагачите за да се расправа за проблемот со црпењето песок од Црна и преземање мерки, Стојанов рече дека станува збор за непочитување на законите. Изрази голема загриженост за животната средина. Нагласи дека не дозволуваат изградба на сепарација и ископ на песок.

2187
ФОТО: МИА

Хаос владее во коритото на Црна Река, црпењето песок ја деградира природата, се уништуваат животинскиот и растителниот свет, подземните води. Вака  реагираат росоманци, барајќи да се стави крај на злоупотребите и узурпациите, да се реши  повеќедеценискиот проблем. Според Атанас Стојанов, советник во Советот на Општина Росоман, само прогласувањето на делот од реката што минува низ општината како заштитена зона може да ја ублажи ситуацијата. По неговиот предлог, советниците едногласно донесоа одлука да им се укаже на надлежните за потребата од заштитување на природното речно богатство. За оваа тема се расправаше и на последните две седници, од кои едната вонредна, а на кои присуствуваше и МИА.

Ова мора да биде почеток на крајот на лудилото

Како еден од предлагачите за да се расправа за проблемот со црпењето песок од Црна и преземање мерки, Стојанов рече дека станува збор за непочитување на законите. Изрази голема загриженост за животната средина. Нагласи дека не дозволуваат изградба на сепарација и ископ на песок.

– Крајно време е, ако не успеавме во претходниот период да се стави крај на анархијата, да не се дозволи тоа да се случува и сега и понатаму, за време на оваа локална власт. Во изминатиот период се споменуваа големи суми со кои работи таканаречената мафија со песок. Ова е еден голем октопод, замешани се повеќе субјекти во целата оваа работа. Во последниот случај одземено е земјиште од човек кој стопанисувал со него, за да му се додели на мафиозо од Кавадарци за да гради сепарација. А има и други сепарации, вандализам со ископот на песок. Уништени се цели екосистеми, реката не е препознатлива, а ни беше едно собиралиште своевремено и уживавме сите во неа кога бевме во помладите години. Знаеме каде се наоѓаа песочните плажи и каде се капевме, а што всушност сега имаме таму. Еден пустош и пустина. Се направи прскање против камарци, па има чудење зошто едноставно не може да се седи надвор. Ете од недоволно контролираното црпење песок е тоа. Сметам дека има нарушување на речното корито при создавање дополнителни пари од ништење на тој екосистем, што придонесувал за уништување на комарците по природен пат. Се нарушува алката на екосистемот. Сега тој човек ја заградува површината, а започнува да гради и сепарација. Апелираме да се запре. Да се оградиме од тие структури што ни го прават тоа. Да не им дозволиме да прават што сакаат. Нашиот живот е многу поважен од нивните пари – нагласи Стојанов.

Плашејќи се да не се замотаме во таа пајакова мрежа, додаде, треба постепено и внимателно да се почне од еден крај. Чекор по чекор. Подобро да се спречи, отколку да се лечи.

ФОТО: МИА

– Оние од претходно се веќе позиционирани и имаат фатено јаки корени. Се работи за голем обрт на црни пари. Ова е многу интересен бизнис за нив. Готов производ без да се вложи нешто посебно. Само да се копа во широчина и длабочина. Наводно се уредува речно корито. Налудничаво уредување на речното корито. А се уништува екосистем, целиот живот што е таму. А последици врз куќите, подземните води. Не треба само површно да се гледа песок, чакал и готово. Ако ја загубиме, таа природа, не пустина, не енормни температури, којзнае што ќе ни се случи. Таму не смее да се сечат дрва, тоа е синџирот на природата. А има деградација на почвата, нарушување на еколошката рамнотежа. Несогледливи последици. Сè додека не проработи свеста за животната средина, се сече гранката на која се седи. Да заврши оваа анархија. Не смееме да се ставиме пред свршен чин. Црна Река да биде третирана како еден од приоритетите на Општина Росоман. Во насока на развој на алтернативниот туризам. Ова мора да биде почеток на крајот на лудилото. Да го вратиме сјајот, да има луѓе спортисти кои ќе риболоват, ред други активности. Да не ги користиме ресурсите максимум, да биде тоа ресурс со кој ќе се гордееме и во иднина. Да размислуваме за одржлив развој – порача Стојанов.

Немаме резервна планета, општината, беше категоричен, повикувајќи на блокада на сепарацијата.

– Немојте да направите злоупотреба како некои од претходните градоначалници кои без одобрение на Советот издале извештаи и се направи пустош и хаос во село Манастирец. Според мене, најжално е што една од природните атракции што беше таму, како посебно значајна, водопадите, се дозволи да се уништат, да се наруши рамнотежата во биодиверзитетот и екосистемите – рече тој, обраќајќи се првенствено до градоначалникот.

Неговиот колега советник од селото Манастирец, Влатко Трајков, е особено загрижен поради тоа што живее во населено место што е близу до реката, во услови кога се копа песок од неа. Според него, секоја злоупотреба на речното корито може негативно да се одрази врз животот на манастирци и жителите на соседно Трстеник. Нагласува дека и во минатото, кога осум години бил претседател на месната заедница Манастирец, водел војна против неконтролираниот ископ на песок.

Борбата со песочната мафија да не биде селективна

Советникот Јовица Стошиќ од селото Сирково, исто така, е загрижен од состојбата со црпењето песок во Црна Река.

– Но кога сме веќе загрижени за состојбата со песокот, нашето барање да го прошириме за целото речно корито, таа работа да се однесува на Црна Река. Не би можел да носам одлуки поединечно против една личност, а во уништувањето на коритото учествуваат повеќе сепарации. Претходно, дури беа и легализирани објекти на сепарации што вршат дејства во Црна и тогаш не беа дадени забелешки дека коритото се уништува. Сега се прави обид тоа да се решава селективно. Ако веќе се отпочнува со некои барања, тоа да важи за сите што копаат и за сите да се побара на увид документацијата со која располагаат. Ако веќе се впуштаме во борба со мафијата, тоа да важи за сите што црпат песок, а во кои се сомневаме дека ја узурпираат реката. Се работи за исто речно корито и за повеќе личности што копаат песок во него. Да не постапуваме селективно. Да се види каква е сотојбата и со каменоломите во општината, во претходниот совет имавме жалби од загадување на воздухот, па да се бараат решенија. Да се види со какви документи за работа располагаат сите сепарации. Оти овој човек уште не почнал да копа и се бара стопирање, а има фирми со сепарации што градат во половина држава. Ако се интересираме да го заштититиме, тогаш да го заштитиме целото речно корито на подрачјето на општината, а не само дел. Да го сопреме тој ископ, ама на сите фирми што копаат. Оти во минатото имаше ветувања од одделни советници дека ќе им дишат во врат на тие што црпат песок, но од тоа ништо не излезе. Сега постои страв од најситниот, а најкрупниот копа упорно. Знаеме дека е хаос таму, катастрофа – изјави Стошиќ.

Во изминатите години ние неколкумина бевме борци за спречување на оваа криминална група, шерифи за ископ на песок, рече советникот Јованче Јошев.

– Комисијата составена токму за таа цел се обиде еден од шерифите да го заплаши на некој начин, во рамките на нашите ингеренции, но, за жал, тие се толку мали ингеренции, а нашиот бунтовнички глас не успеа во борбата. Од година во година овие локални шерифи за ископ на песок само се зголемуваат. По сите овие години, течението на Црна Река личи на Амазон. Амазон да беше досега ќе се уредеше тоа речно корито. Малку беше една компанија, па им се дозволи и на други да црпат песок. Ова е многу болно, а последиците сè уште не ги чувствуваме. Или ги чувствуваме со помал интензитет, како комарци, појава на преносливи болести, но никој не ги споменува и ерозијата и сушењето на подземните води, засекогаш. Росоман лежи на едно трустно подрачје, на многу мека површина. Со тој секојдневен ископ на песок, нашите куќи ќе почнат и да тонат и да паѓаат. Можеби тоа нема да се случи за година – две, но за идните десет години тоа ќе се почувствува кај домовите. Се почувствуваа веќе тие пукнатини на куќите во долниот дел од Росоман, но сè уште незабележително. Но неконтролираното копање на овој песок ќе доведе до катстрофални последици за росоманци од „новото уредување на речното корито“. Какво контролирање на речното корито, какво уредување? Станува збор за несовесно копање, отворање дупки и нивно незасипување, потенцијални жаришта за маларични болести, потенцијални отпадни површини каде што околните жители си ги сипеа дупките со смет и шут, без да се води сметка дека по ископот на песок треба да се засипат дупките со песок или со земја. Од година во година тие локални мафии, шерифи за ископ на песок, се сè повеќе и повеќе. Не знам дали ќе има крај еден ден. Копи-пејст, без разлика кој е на власт. Нема ништо да се смени. А ние со сомнеж дека документации се издаваат од ракав. Тоа е така бидејќи се ставени несоодветни кадри на битни места – коментира Јованче Јошев.

Ристо Јошев е трет мандат советник во Советот на Општина Росоман и рече дека оваа болна точка многу одамна ја расправаат.

– Мерки против сите нив. Да се одржува речното корито, ама навистина да се одржува. По институционален пат да се застане на патот, на овој, според нас, своевиден криминал. Во спротивно, да се преземат и порадикални мерки, да излезат сите и да ги блокираат местата на кои се црпи песок, а Росоман само губи, а не добива ништо од тоа црпење. Подземните води се повлекуваат. Поради ова и загадувањето на реката од индустријата, сега не смееме да влеземе во реката, а порано се бањавме во реката. Многу врби се исекоа. Се уништија. До кога? Да се стави крај на ова лудило – апелираше и Ристо Јошев.

И градоначалникот Бранко Јане Јанев се изјасни дека бил и сè уште е против сите овие работи што се работат, а значат загадување на животната средина.

– Екологист сум во душа. Тоа и ќе останам. Учествувам во еколошки акции. Дополнително сум и планинар. Сите тие работи ми се многу познати. Црна ми е зарасната во срце. Бидејќи мојата младост е врзана за реката. Се сложувам дека биодиверзитетот е уништен во Црна. Во изминатиот период на овој план имам преземено и конкретни мерки. Имаме пријавено една од фирмите концесионери до Државниот инспекторат за животна средина и инспекцијата излезе на терен и постапи во согласност со законот. Една од фирмите е санкционирана парично. На состаноците на ЗЕЛС редовно истакнувам дека еден од нашите најголеми проблеми е неконтролираното копање песок и манипулирањето. Со ископот на песок по течението на реката работите ги води Водостопанство. На наша територија има осум концесионери на песок и камен. Контактирав со повеќе субјекти за да ја согледам ситуацијата. Најновиот концесионер постапил во согласност со законот, без разлика дали нам тоа ни одговара или не. Добил концесија од Министерството за животна средина, па одобрение од АД Водостопанство. Откако сум на функција, немам издадено ниту една еколошка Б-интегрирана дозвола. Откако ќе се подготви на терен, субјектот бара таква дозвола – рече Јанев.

Да се стопира изградба на сепарација, побара Советот на Општина Росоман

Советот на Општина Росоман бара надлежните да достават документ за стопирање на изградбата на сепарација на кавадаречка фирма, бидејќи нема дозвола за градба. Советот  донесе и заклучок да му се достави договор и решение со кои се доделува концесија за стопанисување со пасишта на истата фирма.

Советниците исто така бараат од надлежните да кажат дали е издадена дозвола за градење инсталација за сепарирање речен песок во катастарска општина Сирково, но и дали фирмата доставила елаборат за заштита на животната средина и дали е тој одобрен за спроведување на проектот.

Од градоначалникот Бранко Јанев се побара писмено известување до Советот, дали е издадена дозвола за градба на сепарацијата, иако Јанев усно кажа дека нема таква дозвола.

Исто така, Советот расправаше и околу проблемот со ископ на песок во Општина Росоман од други фирми, што тоа го прават од претходно. Се донесе заклучок, да се побара од АД Водостопанство, како и од министерствата за економија и заштита на животна средина, да достават решенија за дозвола за ископ на песок, чакал и камен од речното корито на Црна Река, како и информации дали дозволите се во согласност со Законот за води. Сите заклучоци беа едногласно усвоени.

Како што информира градоначалникот, од Министерството за економија веќе се изјасниле како ненадлежни за инспекциски надзор во врска со проблемот на росоманци.

Од АД Водостопанство рекоа за МИА дека дозволите не ги издаваат тие.

– Согласностите за регулација со каскади и дозволите за чистење на речното корито од песочни наноси ги добиваме од Министерството за животна средина и просторно планирање, во согласност со проекти. Предаваме проекти, а Министерството дава дозвола. Ние сме обврзани по тие дозволи да направиме реален повик на кој може да се јави која било фирма. Во дозволата има наведено од каде до каде ќе се работи, за кои количини црпен песок станува збор. Тоа важи за сите реки во државата. Тоа е во цел свет така. Ништо не криеме, за сè имаме документи. Основни проекти, елаборати, ревизија. Дозволите важат по две години. Сè е регуларно. Подобро да се црпи песок организирано и контролирано, отколку да се краде на диво како во минатото, кога се правеа дупки во реките. Понекогаш можеби луѓето реагираат од завист или којзнае што друго – нагласија од Водостопанство.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање одговорија дека согласно одредбите од Законот за водите (Службен весник на Република Македонија бр. 87/08, 06/09, 161/09, 83/10, 51/11, 44/12, 23/13, 163/13, 180/14, 146/15 и 52/2016) што се однесуваат на заштита и подобрување на режимот на водите со вадење наносен материјал, односно песок, камен и чакал од коритата и бреговите на површинските водни тела (водотеците, езерата и од акумулациите) надлежни субјекти се единиците на локалната самоуправа во урбаните средини, додека надвор од населените места надлежно е АД Водостопанство на Република Северна Македонија – Скопје, по претходно добиена дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Дозволата се издава врз основа на поднесено барање на надлежниот субјект и приложена техничка документација (барање, топографска карта, основен проект, ревизија на проектот и решение за одобрен елаборат за заштита на животната средина) согласно Законот за водите – одговорија по писмен пат на прашања  од МИА.

Оттаму додадоа дека за Општина Росоман во 2019 година се издадени две дозволи за црпење песок, чакал и камен на АД Водостопанство на РСМ, како и дека контролата на реализација на овие активности, согласно овие дозволи, ја врши Државниот инспекторат за животна средина.

Има или нема крај песочниот лавиринт

Во врска со проблемите на росоманци со црпењето песок од Црна Река, МИА се обрати и до Државниот инспекторат за животна средина. Во писмениот одговор на нашите прашања стои дека во Општина Росоман контрола над прописите од областа на Законот за животна средина потребно е да се врши од страна на овластен инспектор за животна средина кој треба да има овластување од страна на градоначалникот на општината.

– Сепарциите што се градат на подрачјето на Општина Росоман, пред да почнат да се градат,  потребно е да извршат пренамена на земјиште кое е претежно земјоделско, да биде во градежно, а потоа за да се гради сепарација. Воедно, потребно е да има Б-интегрирана еколошка дозвола за која контрола е надлежна општината преку овластен инспектор за животна средина. Покрај овие законски постапки, потребно е за технолошкиот процес сепарирање песок да има дозвола за зафаќање и испуштање води, издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање. Контрола на издадените дозволи од МЖСПП врши Државниот инспекторат за животна средина. Значи, да се сопре изградбата на сепарацијата е во надлежност на општината, која треба прво да ги испрати своите инспектори. Доколку нема, со меѓуопштинска соработка може да ги повика инспекторите од друга надлежна општина,  меѓу кои и овластен градежен инспектор, да провери дали земјиштето има пренамена и дали има дозвола за градба на сепарција, а овластениот инспектор согласно своите надлежности, да издаде решение со задолженија согласно закон за животна средина и закон за градење – одговорија од Инспекторатот.

Во делот на фрлање отпад од страна на несовесните граѓани, нагласија, исто така надлежност има општината, преку своите комунални инспектори. Додаваат дека воедно, за секое фрлање отпад во речно корито, потребно е да се пријави до полициска станица, па со понатамошно постапување во вид службена белешка и идентификација на сторителот на прекршокот, од страна на МВР се поднесува барање до прекршочна комисија при Министерство за животна средина и просторно планирање.

– Во Општина Росоман има концесионери на ископ на песок во површини кои се дадени во вид на концесија од страна на Министерство за економија,  во вид на договори и дозволи за експлоатација. Начинот на рекултивација на земјиштето е должност на концесионерите кои работат согласно Закон за минерални суровини и над нив врши контрола Државен инспекторат за техничка инспекција. За констатирани неправилности од страна на Државниот инспекторат во општината  се донесени решенија за отстранување на неправилностите. За нелегално црпење  песок од речно корито доколку е утврдено од страна на полициски службеници или од инспектор,  се покренати прекршочни барања   до Основен суд Кавадарци – стои во мејлот од Инспекторатот.

Уредување на речното корито, согласно Законот за води, одговорија оттаму, се врши на основа на издадена дозвола од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.

– АД Водостопанство по добиена дозвола за уредување на речното корито склучува договор со фирма која врши ископ на вишокот речен материјал под одредени услови во согласност со законот. Контрола на дозвола за уредување на речното корито врши Државен инспекторат за животна средина преку водостопански инспектор  по доставена преставка ќе се изврши вонреден инспекциски увид за што ќе биде известен преставникот на поднесената преставка. За несовесното копање  во речно корито и незаконско работење  потребно е да се повика 192 бројот од најблиска полициска станица и по извршен увид со службена белешка од страна на полициски службеници,  постапката продолжува од страна на водостопански инспектор до надлежен суд – категорични беа од Инспекторатот.

Според претседателката на Совет на општина Росоман, Марионка Печевска, на состанок на претседатели на општински совети, бил посочен големиот проблем на бесправен ископ на песок, како проблем што го имаат речиси сите општини со речни корита. Промена на речни корита, мочуришта, бари, потенцијални депонии и слично.

Како одговор на прашања во врска со експлоатација на песок, Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес, ни соопшти дека во  текот на 2019 година,  на територијата која ја покриваат од повеќе општини, имаат  регистрирано еден случај на кражба на песок и тоа во Велес.

Светлана Дарудова (МИА)

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...