Во Кавадарци нема дете на листа на чекање, проширени две градинки

241

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев денеска го пуштија во употреба проширениот дел од градинката „Снежана”.  Со доградбата на овој објект, но и со доградбата на градинката „Детелинка“, Кавадарци добива дополнителен простор за згрижување на вкупно 125 деца.

– Нашата цел, како влада е што поголем број деца до 6 годишна возраст да се опфатат во предучилишното образование, бидејќи раниот детски развој е најважен за понатамошниот развој на децата. Продолжуваме да инвестираме во детската заштита, посебно во другите градови низ Македонија и во руралните места бидејќи инвестицијата во квалитетно предучилишно образование значи инвестиција во човечки капитал и води до напредок на државата – изјави Царовска.

Градоначалникот Јанчев истакна дека со последните проширувања бројот на деца на листа на чекање е нула.

– Новиот дел на Снежана е со површина од 187 метри квадратни и градинката место претходните 9 занимални сега има 11, со тоа вкупниот капацитет се згоемува на 178 деца – рече Јанчев.

Покрај доградбата на „Снежана” доградба е направена и на градинката „Детелинка“, каде што има дополнителен простор за згрижување на 87 деца во 5 воспитно згрижувачки групи. Со доградбата на објектот „Детелинка“ вкупниот  капацитет ќе биде за 225 деца до 6 годишна возраст, кои ќе бидат опфатени во 14 воспитно згрижувачки групи.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...