ИСТРАЖУВАЊЕ Армиски „волци“ се враќаат во Ирак и Авганистан – ама на гурбет како телохранители

Басра, градот на југот на Ирак, каде што се наоѓаат дури 80 отсто од изворите на ирачката нафта, но и Авганистан, пак се „ветената земја“ за нашите војници, чии ловорики и ордени останаа да висат по ѕидовите на нивните скромни домови во Македонија. А како вчера да беше кога со своите вештини и храброст ги освојуваа и претставниците на американските сили во Ирак, дури го привлекоа вниманието и на холивудските продуценти, кои живо беа заинтересирани да снимат филм за нив.

10893

Армиските „Волци“, припадници на Полкот за специјални операции, што заедно со уште 490 македонски војници ѝ го обелија образот на Македонија во мисијата „Слобода за Ирак“ и кои по шестмесечна битка во жешкиот и опасен Багдад за својата храброст и пожртвуваност беа одликувани лично од Доналд Рамсфелд, поранешниот државен секретар на САД, во потрага на подобра живеачка ја напуштија земјава и веќе неколку месеци печалат повторно во земјите на Блискиот Исток.

Басра, градот на југот на Ирак, каде што се наоѓаат дури 80 отсто од изворите на ирачката нафта, но и Авганистан, пак се „ветената земја“ за нашите војници, чии ловорики и ордени останаа да висат по ѕидовите на нивните скромни домови во Македонија. А како вчера да беше кога со своите вештини и храброст ги освојуваа и претставниците на американските сили во Ирак, дури го привлекоа вниманието и на холивудските продуценти, кои живо беа заинтересирани да снимат филм за нив. Од сите македонски министри за одбрана беа прогласувани за најдобри амбасадори на земјата, а добиваа само тапкање по рамо.

Медали без пари

Додуша, ги спомнуваа како силен адут во говорите на политичарите, кога му се жалеа на светот додека чмаевме во НАТО чекалницата, дека малата држава на Балканот ѝ даде преголема поддршка на Коалицијата за борба против тероризмот предводена од САД. За македонската поддршка во борбата против режимот на Садам Хусеин, најдобро сведочат бројките – во периодот од јуни 2003 до декември 2008 година, на секои шест месеци во 11 ротации АРМ испрати 490 војници во Ирак.

Со 120 медали, што ги доделија САД, беа одликувани македонските војници поради својата професионалност и високиот степен на обученост и спремност во извршувањето на задачите. Во АРМ со гордост се присетуваат на војниците кои први се закитија со признанија во мисијата „Слобода за Ирак“, а беа наградени од американскиот државен секретар Доналд Рамсфелд на 11 октомври 2004 година.

Стојанче Патаровски, тогаш постар водник, доби бронзена ѕвезда поради покажаната исклучителна храброст, и тоа дваесетина дена откако македонскиот контингент пристигна во Ирак. Ѓорѓи Станкоски, исто така постар водник, беше одликуван со армиски медал за спасувањето на животите на двајца американски војници врз кои бил отворен оган од автоматско оружје од возило во движење. Станковски влегол во акција и успеал безбедно да ги извлече војниците од непријателскиот оган и да ги одведе во најблиската база.

Ставре Чичевски, војник-болничар, беше одликуван со армиски бронзен медал поради спасувањето на животот на еден американски војник што колабирал од пеколните температури. Марјанчо Мишачковски беше одликуван бидејќи му го спасил животот на еден ранет американски војник што бил под непријателски оган.

АРМ ја напуштаат за гурбет

Плусинфо го истражуваше одливот на македонските војници во период од десет години, а според податоците што ги обезбедивме преку Генералштабот на АРМ, од 2010 година до сега, 664 војници ја напушиле армијата.

– Во последните десет години од редовите на Армијата во просек 66 професионални војници, подофицери и офицери годишно заминувале по сопствен избор. Вкупниот број припадници на армијата кои заминале по сопствен избор во овој период е 664. Причините поради кои припадниците на Армијата донесуваат одлука да ја напуштат, не сме во можност да ви ги образложиме, бидејќи во личното барање за прекин на работниот однос немаат законска обврска за образложување на причината – вели Тони Јаневски, портпарол на Генералштабот на АРМ.

Војниците кои ја напуштаат земјата, како и сите други македонски државјани кои секојдневно со билет во еден правец си одат од Македонија, не кријат дека битката за подобра живеачка и драстично големата разлика во заработувачката е главниот мотив за нивно враќање во земјите каде што прв пат стапнаа во 2004 година како командоси во првиот македонски контингент во мисијата „Слобода за Ирак“. Тогаш како обучени војници за операции против терористи, а сега како телохранители, вработени во познати светски агенции за обезбедување, велат дека заработуваат и до 5.000 евра месечно.

Некои од нашите војници успеале да дојдат и до подобри работни места, како управители на економски зони кои се задолжени да се грижат за нивната безбедност, а сумата на заработувачката, како што велат, „нема резон“, да се споредува со војничките примања или со која било плата во македонска агенција за обезбедување, ниту со плата што вообичаено им ја исплаќаат македонските бизнисмени и политичари на своите телохранители.

Нашите плати – скромни

Генералштабот на АРМ за Плусинфо обезбеди податоци за просечните примања на ниво на Армијата по категории, така што платите на офицерите изнесуваат 36.998 денари, подофицерите примаат по 28.917 денари, професионалните војници по 24.395 денари и цивилните лица на служба во Армијата по 20.546 денари.

– Според одредбите од Законот за служба во армијата и правилниците за висината на додатокот на плата за вршење на специфична воена служба на припадниците на Армијата, примањата зависат од категоријата. Таа се рангира по чин и по должност, како и според процент од минат труд, додатоци за специфична служба и други додатоци. Со неколку правилници за додатоци на специфична служба дополнително се одредуваат бодови за припадници во одредени единици на армијата, како и за одредени служби кои се обавуваат – велат од Генералштабот на АРМ.

Припадниците на Полкот за специјални намени, велат во ГШ, добиваат соодветен надомест според Правилник за висината на додатокот на плата за вршење на специфична воена служба на припадниците на специјалните единици на Армијата, кој изнесува од 320 до 410 дополнителни бодови и е повисок од бодовите кои ги добиваат припадниците од останати единици со ист чин. Така, просечната плата на професионален војник во Полкот за специјални операции изнесува 33.809 денари, подофицерите земаат 37.081 денари, а офицерите 44.867 денари.

– Во контекст на учеството во мировни мисии, согласно најновиот Правилник за утврдување на надоместоци на воениот и цивилен персонал кој учествува во мировни и хуманитарни операции надвор од територијата на републиката, основниот дневен надоместок за учество во мировни мисии е утврден на 85 евра, на кој се исплаќаат и дополнителни предвидени надоместоци. Новина е што платата која ја земал персоналот упатен во мировни мисии продолжува да се исплаќа во истиот износ, а тоа досега не беше случај, што значи и поголеми примања за време на учествување во мисијата – вели Јаневски.

Тој објаснува дека стимулативните мерки на учесниците во мировните мисии се утврдени со закон и со правилници и засега не најавува промени во нив.

– Наградните отсуства, признанијата, одликувањата од страна на Mинистерството за одбрана, Генералштабот и потчинетите команди и единици на Генералштабот, по завршување на секоја ротација во мисиите, се врз основа на предлог на претпоставениот старешина во мисијата, а согласно Законот на одликувања и признанија и Правилникот на доделување плакети, значки, награди и пофалници на воениот и цивилен персонал на служба во Армијата. Се доделуваат одреден број вакви признанија, во висина и во рамки на предвидените надлежности на Генералштабот, односно Министерството за одбрана – објаснува Јаневски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...