Анкара не е загрижена поради можните санкции и ќе ја продoлжи операцијата „Извор на мирот“ во северна Сирија, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
– Нашата цел е јасна и не се грижиме поради можните санкции. Непријателските сили во Сирија многу брзо ги губат позициите. Нашата цел е да ги потиснеме терористите 32 километри од нашата граница – рече Ердоган.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера потпиша указ за воведување санкции против Турција во врска со воената операција во Сирија, соопшти државниот секретар Мајк Помпео.
– Претседателот Трамп го потпиша указот за да ја присили Турција да ја прекине својата воена офанзива во североисточна Сирија и да се согласи на примирије. Овој извршен указ на Министерството за финансии и на Стејт департментот им дава надлежности да ја разгледаат можноста за воведување санкции против физички лица, организации или лица поврзани со Владата на Турција и учесници во активности кои создаваат опасност за граѓаните или водат до натамошно поткопување на мирот, безбедноста и стабилноста во североисточна Сирија – се наведува во соопштението.
ФОТО: EPA / ALEXEY NIKOLSKY / SPUTNIK / KREM