Со настап на Дејвид Торн и Фред Фрит почнува Скопскиот џез фестивал

208

Скопски џез фестивал, кој почнува в четврток и ќе трае до недела, ќе го отворат двајца култни гитаристи од САД – Дејвид Торн и Фред Фрит со неговото трио во Националната опера и балет (НОБ).

Фокусот на годинашната програма на фестивалот ќе биде одбележување на 50-годишнината од германската издавачка куќа „ECM Records“.

– Од деветте групи или изведувачки имиња на главната програма, шест се практично заштитен знак на ЕСМ, иако бројот на изведувачите кои својата музика ја ставаат на етикетата на ЕСМ е навистина огромен и импресивен. Останатите три групи исто така ги конципиравме да бидат во стилот на некој начин на карактеристиките, отвореноста, авангардноста на ЕСМ, рече на денешната прес-конференција директорот на фестивалот Оливер Белопета.

За фестивалот тој вели дека има постигнато репутација во светот која е огромна и таа репутација, како што рече, е постигната токму поради засебноста и оригиналноста на самата програма и храбриот програмски пристап.

– Нема многу такви фестивали во Европа, има неколку и наша главна цел е да ја задржиме таа оригиналност и таквиот пристап. Тоа значи дека програмата не се прави за да се повладува на вкусовите на домашната публика, туку односот кон публиката треба да биде повеќе од едукативен карактер, вели Белопета.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...