Од почетокот на годинава успешно се извршени четири кадаверични трансплантации, а во континуитет се вршат и трансплантации на бубрези од жив донор.
– За потсетување, минатата година успешно е извршена првата несродна трансплатација на матични хематопоетски клетки. Тоа е револуционерен чекор на јавното здравство во нашата држава, кое сега е дел од светските и европски медицински центри за лекување на најтешките болести на крвта. Исто така, во јануари годинава успешно се изведе и првата несродна трансплантација кај 13-годишно момче со апластична анемија – рече министерот за здравство, д-р Венко Филипче денеска на одбележувањето на Европскиот ден на органодарителство, во организација на Здружението на бубрежно болни граѓани НЕФРОН.
– Кога ќе дојдете до крајот и кога ќе сфатите дека за вашиот близок веќе нема никаква надеж убаво е да се пружи надеж на некој друг, убаво е кога знаеме дека нечиј друг живот ќе тргне во некоја нормала. Значи тоа е тешко, сознанието дека го губиш блискиот, а воопшто не е тешко сознанието дека на некого му помагаш и му даваш шанса за подобро утре. Кога емотивно ќе си сфатиме дека некој дел од нашите блиски продолжува да живее малку олеснува – истакна на прес-конференција на Здружението на бубрежно болни „Нефрон“, Марија Кежаровска, од чија почината мајка биле донирани двата бубрега, трансплантирани на двајца млади пациенти кои биле на дијализа.
На прес-конференцијата по повод одбележувањето на Европскиот ден на органодарителството, од име на транплантираните пациенти се обрати Кирил Јанчовски од Скопје, пациент кој добил бубрег од кадавер во ноември минатата година. Целиот процес поминал одлично без компликации.
– Кадаверичната трансплантација (трансплантација на орган од починат донор) е можност за втор живот и им се заблагодарувам на сите семејства кои се согласиле да донираат органи од нивните починати блиски и им овозможиле на одреден број пациенти да имаат нормален живот – додаде Јанчовски.
Во врска со бројот на извршени трансплантации, директорот на Клиниката за урологија, Сашо Дохчев, кој е шеф на тимот за трансплантација, рече дека годинава се извршени 13 трансплантации од кои шест се кадаверични.
– До крајот на годинава се планирани уште шест трансплантации. Го исполнуваме просекот од 20 трансплантации годишно што можеби е малку, но е доволен за наши услови. Досега се извршени 414 трансплантации од кои 45 се кадаверични – додаде д-р Дохчев.
Претседателот на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, Душко Ѓорѓиев рече дека недоволен е бројот на извршени трансплантации и дека тој треба да се зголеми.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека интензивно работат со националниот координатор и сите одговорни за трансплантација, но не само на бубрези, посебно сакајќи да ја интензивираме кадаверичната трансплантација.
– Разговаравме и со експерти од областа на кардиохирургијата, со експерти од областа на гастроентерохепатологија, дигестивна и торакална хирургија, пулмологија со цел да ги анализираме нашите пациенти кои чекаат трансплантација не само на бубрези, туку и на срце, бели дробови и црн дроб. Со таквите национални листи кои се веќе при крај во ноември планираме состанок со претставници на Еуротрансплант од Љубљана и од Загреб со кои сакаме да потпишеме договор за соработка со кој би станале некоја форма на придружна членка кон Еуротрансплант… – рече Филипче.
Тој најави дека ќе почне постапката за целосна реконструкција на одделението за интензивно лекување и реанимација и при крај е проектот за целосно реновирање на Клиниката за урологија во кој дел спаѓа и Центарот за трансплантација.
– На крајот на идната година целосно ќе се завршат овие активности и ќе имаме современи одделенија со највисоки стандади според кои ќе се лекуваат трансплантираните пациенти – додаде Филипче.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, пак, истакна дека од финансиски аспект трансплантацијата е исплатлива. Според него, од голем бенефит е доколку можат да постигнат такво ниво на значителен број трансплантации.
По завршувањето на прес-конференцијата пред просториите на Здружението „Нефрон“ беа засадени две липови дрвца во знак на благодарност на сите кои донирале органи, а беше поставена и спомен плоча.
Министерството за здравство изготвува годишна Програма за трансплантација со цел дополнително унапредување и евалуација на системот за трансплантација, како и подигнување на свесноста кај граѓаните за значењето и придобивките од органодарителството. Годинава за реализирање на активностите од оваа програма се наменети шест милиони денари. Министерството изготвува и посебна Програма за обезбедување на трошоците за болни, кои се третираат со дијализа, која изнесува седум милиони денари.
Во Програмата за трансплантација е точно прецизиран паричниот надомест за тимовите за трансплантација, односно за секое лице кое учествува во трансплантацијата и за секоја извршена трансплантација, што претставува дополнителна стимулација за тимовите кои пожртвувано и со максимални напори работат на спасување човечки животи.