Околу 200.000 евра спечалиле 14 лица кои прокриумчариле 400 мигранти низ Македонија

Соработници во организираната криминална група биле и Б.Г., кандидат за полициски службеник и Ф.А., полициски службеник, кои добивале известувања за евентуална поставеност на полициски патроли, контроли или заседи.

417

Околу 200.000 евра спечалиле 14 лица кои организирано прокриумчариле околу 400 мигранти во последните осум месеци од јужната граница до кумановско-липковскиот регион, соопшти денеска на прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

– Криминалистичката истрага над организираната 14-члена криминална група, со дефинирана структура и строга хиерархиска поставеност, се спроведуваше во изминатите осум месеци, односно од март до октомври 2019 година. Оваа криминална група во период од март 2019 година до сега, организирале криумчарење на 400 мигранти, по потекло од Aвганистан, Пакистан, Ирак, Бангладеш и други земји од Блискиот и Средниот исток, кои претходно престојувале на територијата на Грција, а меѓу кои имало и деца, стекнувајќи се притоа со значителна противправна имотна корист од околу 150.000 до 200.000 евра – рече Ангеловски.

Откако мигрантите на територијата на Македонија биле пренесувани илегално од територијата на Грција, преку т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија и Дојран, со помош на водичи биле носени на претходно утврдени и договорени локации. Од овие локации членовите на групата, ги прифаќале мигрантите со патнички и товарни возила и ги превезувале до локации во близина на селата Марвинци, Фурка, Богданци, Удово и градот Демир Капија. Оттаму се вршело прифаќање и превезување на мигрантите до однапред договорени локации на автопатот Куманово – ГП „Табановце“, од каде биле прифаќани од други лица, нивни криминални соработници и носени во кумановските села Ваксинце и Лојане, каде биле времено сместувани и засолнувани во објекти на соработници и помагачи на криминалната група, а потоа криумчарени преку северната граница, кон државите на ЕУ.

Соработници во организираната криминална група биле и Б.Г., кандидат за полициски службеник и Ф.А., полициски службеник, кои добивале известувања за евентуална поставеност на полициски патроли, контроли или заседи.

– При реализацијата на оваа криминалистичка истрага претреси беа извршени во вкупно 12 објекти во Скопје, Гевгелија и во Валандово, а лишени од слобода беа вкупно девет лица. Едно лице веќе е во затворот „Скопје“, едно лице во КПУ „Идризово“, а едно лице е во затвор во Србија – соопшти Ангеловски.

ОСОСК до ОЈО за ГОКК, поднесе кривична пријава против 14 лица и тоа едно лице кое е со привремен престој на територија на Грција, М.С.(45) од селото Богородица, Гевгелија, И.Ѓ.(20) од Ново Конско, Ќ.А.(28) од Арачиново, Н.М.(35) од Арачиново, Б.Г.(24) од с.Марвинци, И.Ѓ.(49) од Ново Конско, Б.Р.(28) од Арачиново, Љ.А.(26) од Арачиново, Х.А. (27) од Арачиново, .П.(27) од Богородица, С.К.(23) од Селемли, Ф.А.(32) од Јосифово и Д.М.(22) од Богданци, заради постоење на основано сомнение сториле кривични дела: Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти предвидено и казниво по член 418-в став 1 и 2, „Криумчарење на мигранти“ предвидени и казниви по член 418-б став 2 и став 4 од КЗ на Македонија и „помагање“ во врска со истото кривично дело.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...