Ги осудувам сите случки во кои се зема пари за интервенција. Тоа не е начин да се функционира во било кој систем, па и во нашиот здравствен систем. Секаде има санкции за таквите постапки. Се обидуваме со сите наши мерки да ги стимулираме лекарите, со зголемување на платите, на дежурствата и со таа тенденција и со тие политики ќе продолжиме и во иднина.
Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за оставката на заменик-министерот за здравство Асим Муса, кој денеска на прес-конференција рече дека се повлекува од функцијата, откако во медиумите беше објавена видео снимка на која се гледа како тој наводно прима пари од пациент од Албанија за хируршка интервенција.
– Треба да имаме неселективен пристап без оглед на функциите кои ги имаме. Институциите треба да си преземат санкции доколку сметаат дека за тоа има простор за кого било – додаде Филипче по прес-конференцијата на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“.