Душава ми се разгали од „годишнината“ на студентските протести низ цела Европа, кои донесоа многу повеќе добро владеење и демократија, а со тоа и живот (за Европејците, но и за Југословените), од колку што сега се мисли и знае. Навистина, Орданоски знае „математика“.
Знам и тоа дека тие дечки и девојки не оделе на власта (полицијата) со дигнати раце и цвеќиња, туку со молотови коктели и палки, тргнати да си ја освојат демократијата, а на властите не им паднало на памет да прашаат за искршени излози, запалени коли, скршени шлемови и канцеларијата на Претседателот.
Јас за 1968. знам од десетици учесници во протестите во Белград, кои протестираа и во 1988, заедно со нас младите. Самите тие велат дека во Белград, протестите биле „крстена вода“, спрема оние во Париз, ама сепак, имало мртви и повредени, колку за една мала војна. Уредници на весници откажувале послушност, полицајци дезертирале, граѓаните ги саботирале институциите и ги одвраќале пожарникарите и „територијалците“ да појдат на барикадите на Бранков Мост…
И јас марширав во Белград, во текот на 1988 – 2001 и ниту сега не ми е јасно за што. Излезе дека бевме сите искористени за сомнителни идеи и устоличување на Слободан Милошевиќ, но тоа не ми е поентата. Кога тргнувавме од Студенстскиот град – кон Скупштина, на усните ни беше 1968. Овие, кои протестирале и во 1968., не сакаа повеќе да се појавуваат со нас во текот на 1989. и не знаевме зошто. Дознавме подоцна, кога нашите студентски гласноговорници „ги фати лифтот“, кон политички напредувања.
Интересен факт во тие „маршеви“ на скупштина беше големата верба, во тоа што го правевме. Никој не прашувше за што да излеземе. Штом „нашата“ организација повикува, може и да гинеме – до еден! Поради тоа поворката тргнуваше на седумкилометарскиот пат до Скупштина, каде бројката се зголемуваше на 100.000 народ, веднаш зад нас студентите. Народот не прашуваше. Штом сме ние напред, иднината, нема зошто да седат дома. Што и да сакавме, во право бевме, оти бевме „нивни деца“. Сите тие се сеќаваа на 1968-та.
Прашањето на лидерство никој не го доведуваше во прашање, оти тоа беа наши избраници. Благородноста на идеите, исто така. Сите ние носевме уверување дека продолжуваме нешто од дамнешната 1968. И ние правевме математики: 1968 + 20 = 1988. Требаше поинаку: 1988 – 20 = 1948. Да живее Другарот Сталин, пардон, Милошевиќ.
Да не беше 1988. да ја „убие“ 1968 ., уште ќе ја славевме како светол празник на демократијата во крилото на цврстата прегратка на партијата. Така и кај нас, 1991. е убиена со 2001., а 2006. со 2016. („бомбите“ и „последиците“). Така, сите идни годишнини, ако нешто коренито не смениме, барем за период на нашиот живот, ќе бидат уште понеславно убиство на минатите неславни години и доказ дека еволуцијата на општествената свест не оди рака под рака со цивилизацијата. Едгар Морен тоа го нарекува „Дух на времето“. Кај нас, тие „духови“ станаа вампири на минатото, кое е славно само во премного платените историски фалсификати, за кои луѓето не сакаат да протестираат, оти поминаа многу „убиствени“ датуми. Затоа и нашата „Шарена револуција“ требаше да го подигне народот против вампирите на минатото и да го насочи кон иднината, како идеологија на промената.
И нашиот „очекуван датум за преговорите“ нема да значи ништо, ако не се ослободиме од вампирите и стиропорот. Но, ако Македонија, како јас во 1988., ги троши чевлите, а не и умот, овој „историски момент“, може да стане доказ дека е Македонија само уште една историска грешка и утка на геостратегиските мислители, кои го натцениле капацитетот на населението и многу ги подигнале очекувањата за тоа што ние можеме да направиме со нашата држава. Засега, таа ни е душман и нема малтретман, свињарија, злоупотреба и издајство, со кој не сме ја почестиле.
Ако гледаме наназад, кршливата шанса, која потполно незаслужено сме ја добиле, после многу изгубени битки и тоталниот пораз на духот, ќе ја пропуштиме, оти само зградите останаа „шарени“ и ништо друго. Требаше „шарањето“ да добие потрајна идеологија, во која борбата со Груевски ќе беше само делче.
„Животот“ не е адекватна замена на „Шарената револуција“, оти не е идеологија, туку само предизборен слоган. Луѓето не маршираа само заради Заев. „Животот“ беше замислен како движечка сила на промените, откако Заев ќе дојде на власт, а стравот од „случување народ“ – обединет во „Шарените“, требаше да го негуваме како движечки принцип, кој ќе ја извлече Македонија од идиотската фаза на лични режими, базирани на неспособност и криминал.
Инаку, сите ќе бидеме убедени дека, како што Милошевиќ ги „фати“ студентските лидери, за да придвижат народ за неговите политички потреби, така и СДСМ „шарено“ ја искористи последната граѓанска енергија, за стиропорните вампири да ги замени со свилени. Тоа не го сакавме, нели?
Не би требало да се прават ниту такви математики дали е општата општествена анксиозност и разочарување поголема од решеноста на десните сили да придвижат бранови нов национализам, посебно што тоа им одговара на многу наши соседи и „браќа“, а криминални пари има сето тоа да го платат.
Сиромаштијата е мајка на сите кризи, нели?