Заев заседаваше во Битола: Вложувањето во пелагонискиот регион со уште поголем интензитет

Реновирана е итната медицинска помош, реализирани се повеќе вработувања на медицински кадар, вложено е во реконструкции и во нови апарати, рече Заев.

98

Претседателот на Владата на РСМ денеска претседаваше со 159-тата седница на Владата која што се одржа во Битола, како прва седница во низата што во наредниот период ќе се одржуваат во различните региони во државата.

На седницата учествуваа и градоначалниците од пелагонискиот регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар, информираа вечерва од Владата.

– Оваа иницијатива е со цел да бидеме поблиску до граѓаните и до локалната самоуправа. Да бидеме непосредно блиску до нив за да ги слушнеме нивните приоритети и потреби.

И тука, како и во целата држава се случува градежна офанзива во патната, водоводната и канализационата инфраструктура. За ова воведно излагање, ќе ги издвојам објектите за отпадни води и фекални води во Битола, како и канализационите мрежи во Долнени, Могила, Големо Коњати, Крушеани.

Во Пелагонија имаме завршена и тековна рехабилитација и на патната инфраструктура – тука е патот до Прилепското Езеро, патот Битола – Новаци, патот Битола – Демир Хисар, патот Макази – Ресен, како и железничката пруга Битола – Кременица. Сериозно напредуваме и со гасоводот Неготино-Прилеп- Битола, со процент на реализација до 70 отсто, рече Заев.

Тој потсети и на инвестиции во здравството во Битола.

– Реновирана е итната медицинска помош, реализирани се повеќе вработувања на медицински кадар, вложено е во реконструкции и во нови апарати. И се разбира, и тука во Пелагонија лековите се достапни во секое населено место, за секој граѓанин, во секој ден од месецот, преку мерката за укинување на квотите за лекови. 

Кога сме кај здравјето на граѓаните – токму Битола е еден од четирите големи градови за чие население стојат на располагање бесплатни еко инвертери за греење во домаќинствата. До 1000 евра ваучер за секое семејство кое ќе се одлучи да се грее на клима инвертер, а во исто време ќе се откаже од загревање на тврдо или фосилно гориво што загадува. Изразувам уште еднаш благодарност за Електрани на Северна Македонија за поддршката во реализација на оваа мерка, со која влијаеме врз изворите на загадување и со која го штитиме здравјето на граѓаните. Вложувањето во овој регион ќе продолжи со уште поголем интензитет – ќе направиме се што е потребно граѓаните и младите да ја видат својата шанса во своето место, да имаат мотивација за ангажман, преку соодветно работно место и достоинствена плата, рече Заев. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...