Заев: Не сакам ни да размислувам дали ќе добиеме датум

518

Премиерот Зоран Заев останува оптимист за добивање позитивна одлука од Европскиот совет за датум за преговори и верува дека на 17 и 18 октомври ќе има конечен одговор.

– Останувам оптимист поради тоа што ги имаме сите аргументи на светот да добиеме позитивна одлука од Европскиот совет. Не сакам ни да размислувам дали ќе добиеме датум. Петнаесет години чекавме, донесовме крупни одлуки, реформи, договорите се 100 отсто извршени, навистина сме пример за целиот регион. ЕУ не смее да си дозволи да го казни најдобриот на европскиот континент затоа што тоа е важно за ЕУ, за регионот, за следно мотивирање на лидерите кои треба да наоѓаат решенија и да ги реформираат своите општества. Мислам дека чекориме во вистински правец и дека со одлуките на ЕУ ќе се потврдат нашите очекувања – изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по денешната конференција по повод Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата.

Коментирајќи ја синоќешната средба на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, Заев рече дека верува оти ќе има заеднички заклучок и оти ќе преовлада одговорноста од страна на Европската унија пред Европскиот совет да биде донесена долгоочекуваната одлука за почеток на преговори.

– Секако, се работи само за двајца лидери кои се од сите 28 земји членки. Утре почнуваат состаноците на Советот на министри и ќе ги знаеме поконкретно чекорите, но верувам дека на 17 и 18 ќе бидат донесени конкретните одлуки за нас – рече премиерот.

За ставот на Франција, Заев вели дека Париз не е против нас, туку има многу легитимна намера да вгради нова методологија.

– Тоа ќе даде можност сите капацитети да се движат уште посеризно и посилно со реверзибилна метода – ако не успеат да ги враќа назад. На пример, ако третото поглавје е слобода на медиумите, ако успеете да го затворите во првата година или две, а преговорајќи во третата или четвртата ја нарушите слободата на медиумите, да ве врати назад. Тоа значи дека земјите кои преговараат треба да имаат одржливи постигнати поглавја, заокружени политики, кои ќе значат трајни трансформации на општествата. Тоа е дебатата што се води. Таа може и натаму да се води и да се унапредува методолошки, а ние да ги отвориме поглавјата и да преговараме. Од тука ги црпам моите позитивни очекувања зашто едното со другото не се спротивставени и можат да бидат само комплементарни – истакна Заев.

Прашан за законот за ЈО за кој сѐ уште нема договор со опозицијата, Заев смета дека неговото недонесување нема да влијае на одлуката на Европскиот совет за преговори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...