Дваесет и осумгодишниот кичевец кој наводно стои зад профилот Ел Чека, (El Chekaa) на социјалната мрежа Фејсбук повторно му отвори работа на Обвинителството, откако зачера објави прислушуван разговор од локалните избори во 2013 година, за кој тврди дека се води помеѓу актуелната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и поранешниот вицепремиер Фатмир Бесими.
Потрагата по кичевскиот „бомбаш“ кој досега претежно објавуваше нелегално снимени разговори за поранешни функционери на ДУИ е како битка со ветерници – не може да го спречи ниту Обвинителството, иако кон крајот на јуни поднесе обвинителен предлог против Ел Чека, кој е осомничен дека сторил кривично дело затоа што објавил неовластено прислушкуван и тонско сниман материјал со што им овозможил на корисниците на социјалната мрежа и на други неповикани лица да се запознаат со содржината на снимените разговори. Објавувањето нелегални „бомби“ не може да го блокира ниту социјалната мрежа Фејсбук, зашто тој постојано отвора нови профили од каде што ги објавува прислушувните материјали. Ел Чека во интервју за албанските медиуми изјави дека поседува околу 6.000 снимки.
Во прво време „бомбите“ за функционерите на ДУИ ги објавуваше само од еден профил, но откако МВР по налог на ОЈО побара од Фејсбук да преземе мерки затоа што станува збор за јавно објавување незаконски прислушуван материјал, Ел Чека наместо да биде блокиран, почна да објавува „бомби“ од два профила.
Во МВР објаснуваат дека Фејбсук уште пред повеќе од два месеца, позитивно одговорил на нивното барање и тогаш профилот на Ел Чека бил блокиран, но сега по објавување на „бомбата“ за Шекеринска чекаат налог од обвинителството за да можат да постапуваат и евентуално повторно да испратат известување до надлежните во компанијата дека се објавуваат незаконски содржини.
Според тврдењето на Ел Чека, на последната снимка што ја објави завчера се слуша гласот на актуелната министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и поранешниот вицепремиер Фатмир Бесими.
Женскиот глас во разговорот вели дека членовите на Државната изборна комисија треба да гласаат принципиелно, во однос на изборната победа што во првиот круг ја доби кандидатот на СДСМ, Андреј Жерновски во Центар.
Во Јавното обвинителство за Плусинфо велат дека го следат внимателно објавувањето на неовластено прислушкувани и снимени разговори на Фејсбук профилот на Ел Чека и ќе постапи согласно своите надлежности, како и претходно кога покрена истрага, а кичевското обвинителство обвинителен предлог.
– Секое објавување на неовластено прислушкувани разговори е кривично дело согласно член 151 став 2 од Кривичниот законик, во кој е пропишана казна затвор од 1 до 5 години за секој што „ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана“ – објаснуваат во обвинителството.
Кичевецот што стои зад профилот „Ел чека“ уште на почетокот не го криеше својот идентитет. Како што објави Плусинфо тој потекнува од селото Туин, Кичевско, а уште кога ги објави првите „бомби“ и бараше меѓународна истрага јавно испраќаше пораки до функционерите од ДУИ Али Ахмети, Муса Џафери и до Бекир Асани дека ќе продолжи со објавување снимки, а се закануваше и дека ќе ги испрати и до ЦИА и до Американската амбасада во Скопје.