Лондонската полиција испрати 2.000 текстуални пораки до луѓето што се снабдувале со кокаин од една албанска нарко-група, а со цел да им помогнат во борбата со зависноста, јави „Тајмс“.
Станува збор за вработени во лондонскиот финансиски центар, а нивните телефонски броеви полицијата ги пронашла во два одземени телефони од организирана криминална мрежа.
Во пораката се наведува дека дилерите се уапсени и нивните „муштерии“ се контактирани за да им се понуди помош.
Пораката била проследена со линк, кој е посетен 1.852 пати во Британија, а каде се даваат совети и поддршка за корисниците на дрога.
Лондонската полиција следела 12 Албанци, кои беа уапсени со 1,2 килограм кокаин во вредност од 144.000 фунти и лажни документи, како и со 20.000 фунти во готово. Во последните 12 месеци им е изречена казна затвор помеѓу 25 и 64 месеци.
„Дејли Меил“ пренесува дека двајцата водачи на групата, Бледар Понари (28) и Фјоралб Фера (21), имале осум курири кои продавале дрога во лондонскиот финансиски центар.