Десетици илјадници Курди вчера демонстрираа низ цела Европа против турската воена офанзива во северна Сирија, а протести се одржаа во Франција, Шведска, Грција, Германија, Австрија, Швајцарија.
Во Келн се собраа 10.000 луѓе, кои носеа знамиња со симболите на курдските Единици за заштита на народот и Рожава, односно „Сириски Курдистан“, барајќи запирање на турската офанзива, воведување на зона на забрана на летање и прекинување на продажбата на оружје за Турција.
На демонстрантите им се придружија и германските левичарски групи, а Курдите протестираа и во други градови, вклучувајќи ги Хамбург, Берлин и Минхен.
„Заедно како едно, курдскиот народ се обедини“, извикуваа демонстрантите во Келн, нарекувајќи го турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган „терорист“ и „убиец на деца“.
Неколку илјади Курди и левичарски активисти демонстрираа и во Солун и во Атина.
Околу 1.000 демонстранти се собраа во Солун, каде запалија фотографии на турскиот претседател Ердоган и носеа транспаренти со напис „Каде е ОН?“
Според проценките на полицијата, во грчката престолнина Атина се собрале до 2.000 Курди и други активисти, кои маршираа кон турската амбасада, но беа спречени од полицијата да се приближат до зградата.
Илјадници граѓани протестираа и во Париз за поддршка на Курдите, а поради турската операција во Сирија, чија цел се курдските упоришта. Учесниците на демонстрациите, одржани на Плоштадот на Републиката во источен Париз предупредија дека турската офанзива може да доведе до заживување на т.н. Исламска држава.
Протести се одржаа и во Австрија и Швајцарија.
ФОТО: МИА