Неизвесност, но и оптимизам ги одбележува последните денови во пресрет на Министерскиот состанок во Луксембург на кој ќе се одлучува за датумот за Северна Македонија и Албанија. Франција навести дека сака на состанокот да поднесе предлог за нова методологија во пристапните преговори за членство во ЕУ со што би можело третпат да се одложи одлуката за отворање преговори за двете земји.
Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон денеска треба да остварат средба, која, како што објави германската државна агенција ДПА, дипломатите ја сметаат за последна шанса да се убеди Париз да го смени ставот за блокирање на планираниот почеток на преговори со нашата земја и Албанија.
– Се надеваме дека Париз уште еднаш ќе размисли за својата позиција и дека нема да дозволи да биде изолиран во Европа од внатрешно-политички причини – вели дипломат во Брисел за германската агенција.
Оценува дека оној што сега ќе го блокира пристапниот процес ќе биде одговорен за можната дестаблизација на регионот.
Германската Влада смета дека нашата земја и Албанија ги исполниле сите услови што од нив ги побарала ЕК. Германската агеција ДПА нагласува дека блокадата ќе биде особено горлива за нашата земја, која се согласи на промена на името за да го откочи процесот на интегрирање во Унијата.
Германија не е единствената која не се согласува со францускиот потег, пишува ДПА и додава дека таквиот став го споделуваат и многу други земји-членки на ЕУ.
Утре, пак, е свикан нов состанок на COREPER, како обид за постигнување консензус пред министерскиот Совет за општи работи кој треба да заседава во вторник, на 15-ти октомври во Луксембург.
Поддршка за евроинтеграцијата на нашата земја, Албанија и целиот Западен Балкан викдендов изрази претседателот на австрискиот Парламент Волфганг Соботка, со став дека секој кој го блокира почетокот на пристапните преговори со двете земји го загрозува европскиот курс на регионот и штети на кредибилитетот на Унијата. Во пресрет на состанокот на Интерпарламентарната унија во Белград тој најавува дека конференцијата ќе ја искористи за натамошно уверување за потребата од почнување пристапни преговори со Скопје и Тирана.
– Кандидатите за членство, Северна Македонија и Албанија во изминатите години направија важен напредок на патот на правно, политичко и економски приближување на ЕУ. Северна Македонија го заврши спорот околу името со Грција, поради тоа, даде важен придонес во помирувањето и пример е за целиот регион. Понатамошно одложување на почетокот на преговорите би бил потполно погрешен сигнал – порачува во соопштение Соботка според кого, земјите ги исполниле значајните критериуми за старт на преговорите.
Премиерот Зоран Заев во неколку наврати неделава изјави дека земјата заслужи одлука за почеток на преговори со ЕУ и очекува Унијата да го одржи зборот и да испорача.
– Убеден сум дека Европскиот совет на 17 и 18 октомври ќе ја донесе толку долго очекуваната одлука за почеток на преговори со земјава. Ние не очекуваме од 18 октомври да бидеме полноправна членка на ЕУ. Свесни сме дека тоа е пат, дека е процес низ којшто треба да поминеме. Очекуваме да го добиеме следниот чекор, а тоа е почеток на преговорите, отворање на поглавјата и на пристапните фондови за да продолжи трансформацијата на нашето општество кон европско општество – рече Заев во одговор на прашање при посетата вчера на индустриската зона „Новини“ во кумановското село Речица.
Според него, легитимна е дебатата за реформи во ЕУ, таа мора да се менува и да опстане како лидер на светско ниво во делот на вредностите, на демократијата, компетативноста,…, но тоа може да се случува, вели, паралелно со процесот на проширување. Побара европските лидери да го испочитуваат дадениот збор, зашто, како што рече, ние тоа го заслуживме.
Тој не очекува Бугарија да прави проблеми на октомврискиот самит на ЕУ и е убеден дека ќе биде една од земјите што ќе гласа за почеток на преговори со Севрна Македонија.
И министерката за одбрана Радмила Шекеринска, вчера на конференција за „Перспективите и предизвиците на ЈИЕ“ во Цавтат, Хрватска, истакна дека земјата испорача резултати во однос на политичката стабилност, медиумските слободи, но и постигнувањето на дел од стратешките цели на граѓаните, како членството во НАТО кое го очекуваме до крајот на годинава.
Според министерката, доколку идната недела не се донесе позитивна одлука за Северна Македонија, прогресивните сили кои се подготвени за храбри компромиси, за помирување, за една различна, демократска и напредна слика за Балканот, ќе почувствуваат недостиг од интерес од ЕУ.
ФОТО: EPA-FILIP-SINGER