Скопје е ужасно нечист град, ќе преземе ли некој нешто?

Граѓаните и кога сакаат нема каде да го селектираат отпадот. Затоа, еве еден предлог - поставете контејнери за селектирање на отпад во влезовите на зградите, со клуч за станарите, кои сакаат да селектираат. Така нема никој да го краде и расфрла ѓубрето.

1053

Скопје е ужасно нечист град. Преполни и неиспразнети контејнери, депонии речиси на секој агол, ѓубре на Водно, на Матка, на автопатот Скопје-Тетово, на патот кон Марков манастир, облаци од прав на главните и на споредните улици, незаштитени градби од кои извира прашина, улични кучиња за секој турист на плоштадот „Македонија“…

Тоа е сликата на Скопје денес.

До пред една година, кога одев на работа, секое утро ги среќавав метлачите во портокалови елечиња. Ми беа дури и како часовник – ако ги сретнев на друго место од вообичаено знаев дека или доцнам или сум подранила. Но, ги нема веќе подолго време, а улицата тоне во кал, кучешки измет, неискастрени гранки, прашина и камења што доаѓаат од зградите во изградба кои очигледно инспекцијата ги заборавила…

Среде центарот на градот се градат објекти од неколку ката заштитени само со едвај двометарска ограда. Никој не ги мие улиците околу објектите во градба. Ветрот и дождот го разнесуваат ситниот шут и прашината насекаде. Во запуштените објекти зад Урбан парк, кои требаше да се уриваат за да се гради кружен тек, од пред неколку месеци се населени неколку семејства – собирачи на пластика. Овој дел од паркот е претворен во депонија за пластика и сенешто, а лулашките нормално се искршени. И по Јужен булевар очигледно не ја води патот инспекцијата. Таа мисли дека само во Градскиот парк треба да се одржува хигиена и да се казнуваат граѓаните за фрлени отпушоци.


Иако граѓаните секојдневно пријавуваат за разно-разни купишта ѓубре, а Градот и општините најавија куп акции за чистење, засега не се гледа дека воопшто има некаков ефект од таа работа.

Каде се метлачите? Каде се цистерните за миење на улиците? Каде се контејнерите за селектирање на отпадот? И оние три кои беа на паркингот зад „Беко“, на пример, пред неколку месеци ги снема. Граѓаните и кога сакаат нема каде да го селектираат отпадот. Затоа, еве еден предлог – поставете контејнери за селектирање на отпад во влезовите на зградите, со клуч за станарите, кои сакаат да селектираат. Така нема никој да го краде и расфрла ѓубрето.

Додека го решавате начинот на селекција, земете ја метлата в раце! Придонесете за основното човеково право да живее во здрава средина! Го ветивте тоа, нели?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...