Имаше на времето една емисија, се викаше „Деновиве пред години“. И токму она шо се случва во моментот во Битола е баш истото.
Се сеќавам, не така одамна кога Двојче се сликаше на Денот на дрвото беше хит на денот за мајтап. И навистина беше пресмешно, а во исто време и претажно.
Не така одамна и кога партиските ботови му честитаа роденден на Грујо, ги нарекувавме „чипирани“. Исто така, не така одамна, се смеевме кога Грујо се сликаше со канти за ѓубре. И тогаш бевме прегласни дека нормалните и секојдневните обврски на една влада и власт не е нормално да се прикажват како капитални проекти и дека истите се обезбедени од парите на граѓаните, а не од џебот на градоначалникот или премиерот.
Не така одамна и шетавме со маски на уста и кажвавме дека ќе умриме од загаден воздух и дека дека правда мора да има за сите.
Не така одамна велевме „Стоп за партизацијата на сите полиња“… Ама како шо вели една стара битолска: „Удри се по г… боли“. Или една друга, уште потешка: „Ќути, оти сė иди на гла“.
И така, деновиве сме сведоци дека сите ние кои бараме нормалното да не се фали, нормалното да не се прај ненормално, сите ние „таквите” сме – хејтери, платеници, ништо не ни се погодва. И сė е во ред, ама ние не гледаме!
Деновиве треба да прифатиме дека сликањето на Трајанка со дрвца како оние на Двојче е нормално, сликањето со канти за ѓубре купени од парите наши е нормално, глорифицирањето на до вчера таканаречените криминалци е нормално.
И најважно од сė, деновиве е нормално да прифатиме дека во Битола народо не чинел. На народо ништо не му се погодвало, народот бил без свест и совест, народот бил проблемот шо не функционирала Битола.
Да ве потсетам – тој народ шо го вреѓате, како шо ве читам по социјалните мрежи, е истиот народ шо го молите пред избори да ве гласа и шо ве гласаше на последните локални, истио народ шо ве напрај власт! Не дојдовте на власт од шо сте најпаметни или најлични. Тој, народо ве донесе!
И место да земите да работите, да го „испрајте пато”, вие само мудрувате и се карате. Последениот стадиум ви е најлош, поќе не се карате со другите – сега се карате сами со себе, оти уште само Вие самите вервате дека нешто прајте и работите.