Франција сака да поднесе предлог за нова методологија во пристапните преговори за членство во ЕУ идната недела на министерскиот состанок во Луксембург, со што би можело по трет пат да се одложи одлуката за отворање преговори за Албанија и Македонија.
Иако не станува за официјална позиција за сега, Париз одамна смета дека преговарачкиот процес за членство каков што е сега не е доволно успешен, меѓу другото поради тоа што во земјите кои веќе преговараат се забележува реформски застој или назадување, објаснуваат дипломатски извори во Брисел за МИА.
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ најдоцна утре повторно ќе се состанат да разговараат за ова, но и за францускиот предлог по трет пат да се одложи одлуката за почеток на преговори со Македонија и Албанија, за март 2020-та.
Париз предлага да се внесе во заклучоците реченица слична на досегашните со која се залага да се „наврати на прашањето“ во март, а претходно ќе побара Европската Комисија да изготви извештај и покрај тоа што редовните извештаи за напредокот на земјите од регионот се предвидени во април 2020-та.
Некои земји членки на ЕУ немаат против ревидирање на преговарачкиот процес за проширувањето меѓутоа сметаат дека тоа не би смеело да доведе до уште едно одлагање на одлуката.
Со сличен став денеска се огласи и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
– Секогаш има простор за подобрување и јас сум последниот кој би рекол дека нема, секогаш може да зборувате за методологијата, не треба да замижеме и да одбиеме, но не треба да се држи во заложништво – рече денеска Хан.
Во Брисел денеска интензивно се шпекулира и дека францускиот претседател, Емануел Макрон, би можел да биде многу потврд против одлуката за отворање преговори поради тоа што неговата кандидатка за комесар, Силви Гулар, беше отфрлена од страна на Европскиот Парламент.
Едно од решенијата за да се придобие Франција е да се прифати одвојување на Албанија и Македонија, затоа што од француска страна станува сѐ појасно дека шансите за зелено светло за Тирана се речиси непостоечки. Од друга страна Италија инсистира да се одобрат преговори за двете земји во пакет, и се очекува силна конфронтација помеѓу Рим и земји како Холандија на оваа тема.
Комесарот Хан исто така смета дека би била „огромна политичка грешка“ да се одвојат двете земји, како што рече денеска, но доколку не е возможно оценува дека е „подобро една отколку ниедна.“
– Уверен сум дека ќе има позитивна одлука за преговорите, не можам да откријам детали во овој момент, во дипломатијата мора да ги гледате работите индивидуално, но има подготвеност за изнаоѓање решение, работите течат и ова е вообичаено однесување во ЕУ каде се остава сѐ до последен момент – изјави комесарот Хан на средба со новинарите во Брисел.
Комесарот истакна дека Македонија покажа резултати на сите полиња, и е единствена земја без ниедно отворено билатерално прашање во регионот, додека Албанија сѐ уште има политички проблеми на домашен план иако ги исполни сите критериуми кои се бараа од неа.
– Многу малку земји се колебаат за стартот на преговори, а отворањето пристапни преговори е најдобрата алатка што ја имаме за да издејствуваме промени – додаде комесарот Хан.