Никола Груевски треба да биде првообвинет во случајот за нелегалното прислушување. Тој заедно со другите двајца бегалци во Грција, Горан Грујевски и Никола Бошкоски се фокусот на креацијата на документацијата, рече Зоран Верушевски во неговото денешно сведочење во Основниот кривичен суд во Скопје за случајот Таргет-Тврдина.
Обвинетите и нивните адвокати немаа прашања за него, па тој одговараше само на дополнителни прашања од обвинителите и судиите.
Верушевски ниту еднаш не го спомена Мијалков, кој е првообвинет во случајот, а прстот го впери кон СЈО велејќи дека го изместило фокусот и направило пропуст алудирајќи на тоа што Груевски не е на обвинителна клупа.
– Навистина е сериозен пропуст на СЈО да не го обезбедени неговото присуство и во овој и во сите други процеси. Со нетрпение ги очекувам резултатите од истрагата за бегството. Тука се кријат одговорите на многу прашања кои можеби сакате или не сакате да ги поставите, но тие прашања ќе ја допрат вистината за оваа оваа материја која е предмет на ова судење – рече Верушевски додека одговараше на прашања на обвинителката Ленче Ристоска.
Одговарајќи на прашањата на судијата Владимир Туфегчиќ, тој рече и дека бегалците, Груевски, Грујевски и Бошкоски, сега си добиваат соодветен третман благодарение на тоа што го поседуваат.
– Овие тројца луѓе по мое длабоко убедување се фокусот на креацијата на оваа документација и врз база на неа обезбедуваат соодветен третман во државите во кои се наоѓаат сега – рече Верушевски.
– Сметате дека и во овој момент поседуваат таква документација? – веднаш го праша судијата Владимир Туфегчиќ.
– Ова што го поседува СЈО е минорен дел во однос на тоа што тие го имаат. Мислам на изворната документација за која низ вештачењето треба да се добие нејзината димензија. Тврдам дека таа документација е подобна за една ваква манипулација која на овие лице им обезбедува не само заштита од тие држави, туку еден чудесен пристап на немање коментар од тие држави на сите правни иницијативи што нашата држава ги прави за нивно враќање тука – рече ексразузнавачот.
Во таа насока тој даде и коментар: „Само еден господ знае што сé поседуваат“.
Тој зборуваше и за загрозената национална безбедност со фактот што тројцата бегалци имаат монопол над „документацијата“ и што се упатени во тоа како функционира системот.
Во државите каде се наоѓаат, рече поранешниот разузнавач, не верувам дека некој ќе ги праша колкав е приносот на овоштарството или туризмот во националниот БДП, туку ќе ги праша за сите поединости околу техничките карактеристики на една институција која е клучна за безбедноста.
Целата оваа операција и злоупотребата на институциите, според Верушевски, произлегува од патолошката амбиција на Груевски да се задржи власта по секоја цена.
Судијата го праша и што мислел кога на минатото рочиште рече дека документацијата доживеала страотна компромитација и модификација, но директен и јасен одговор во преполната судница не се слушна.
– Контурите на одговорот се овие. Базичната документација, нејзиниот обем, нејзината целосна структура беше во рацете на луѓето кои сега се во бегство во Грција и Унгарија – рече Верушевски оставајќи впечаток дека за модификацијата мислел во однос на тоа што базичните материјали ги поседувале овие тројца луѓе.
– Оттаму е и моето укажување дека таа базична документација, ако се задежеше, ако ја задржеше опремата, ако опремата не беше уништена, секако ако е точно тоа што го слушаме од коментарите на СЈО, доаѓаме до вистината за овој случај. А се разбира што се случувало и што се случува со таа документација што ја имаше СЈО, а сега ОЈО, тоа е надвор од мој домен, нема можност за мој коментар и оставам простор можеби некоја следна истрага да го постави тоа прашање – одговори сведокот.
Верушевски во голем дел од неговото излагање на прашањата не даваше конкретни одговори и покрај тоа што некои прашања се повторуваа и по неколку пати. Одговараше индиректно, завиено и теоретски. Како и претходно и сега не спомна „бомби“ туку „документација“, а обвинителката Ристоска побара да појасни што поточно мисли под овој поим.
– Документација претставува примарен изворен документ со кој една институција се идентификува преку неговата содржина и неговата законска надлежност за формирање на таков вид документи – одговори Верушевски во професорки стил.
Тој посочи и оти документацијата што ја имале во партијата била во ист формат како што е предадена во СЈО.
„Рековте дека сте биле одговорен за безбедносната политика во СДСМ и информациите ваков карактер биле обврска за анализа на вашиот оддел во партијата. Каде физички се правеа овие анализи и на какви уреди?“, беше едно од следните прашања на обвинителката.
Верушевски повторно одговори во негов стил.
– Анализите се мисловен процес, а не физички и се остваруваат индивидуално и се предодредени од интелектуалниот потенцијал на поединецот. Илузорно е да се фокусираме на локацијата затоа што е невозможно да дефинираме кога и каде завршува мисловниот процес на еден човек. Со други зборови, тоа значи дека не само во просториите на СДСМ е можно човек да добива поттик да размислува и процес на размислување – рече тој.
Од судница си замина оставајќи ја јавноста со многу прашалници иако изрази надеж дека на новинарите сега им се појасно, па нема да го прашуваат надвор од судницата.
Верушевски е еден од првите сведоци во „Таргет-Тврдина“, а за следното рочиште на 24 октомври на барање на обвинителството покана ќе добие и премиерот Зоран Заев. Претходно сведочеа и свиркачите од УБК, Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски.
Во Таргет-Тврдина првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.