Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски сподели статус на својот Фејсбук профил во врска со инверторите кои ќе ги субвенционира владата.
„Инвертори за гласови и продолжување на политичката кариера на Заев и Анѓушев.
Еурека! Борбата на Владата со загадувањето ќе била преку субвенционирање на граѓаните за набавка на клима уреди, инвертор во вредност од илјада евра. Всушност ова е дрзок обид на двоецот Заев-Анѓушев за корумпирање, а со цел опстанок на политичката сцена и продолжување на оваа агонија во која ја однесоа татковината на начин што ќе ги злоупотребуваат средствата на граѓаните. Милиони народни пари ќе потрошат за да се обидат да опстанат и да продолжат со декаденцијата, неправдите, неуспехот, срамот, понижувањата, арамилукот, октоподите во општеството, рекетот и уцените, богатењето на една привилегирана каста на луѓе додека градовите се празнат и некој наш сосед, колега, пријател, роднина ги полни куферите и се сели не можејќи сето ова да го живее. Зарем мислите дека нашиот народ е со кратко помнење? Зарем мислите дека нашиот народ ќе ви ги прости сите недела што ги направивте? Вие не си го познавате сопствениот народ, мислите дека со корумпирање ќе добиете уште една шанса. Господа Заев-Анѓушев, овој народ е честит народ, вреден народ, чесни и вредни домаќини и домаќинки, простува неколкупати и дава шанса но не сака да го лажат и манипулираат, а уште помалку сака кога се обидуваат злонамерници со жолтиците да го поткупат. Одговорот ќе биде гласен и жесток и тоа многу бргу за месеци од сега.
Да симулираме:
1. Инверторот користи електрична енергија за да биде функционален. Семејство од Битола и Кичево добива субвенција, вградува инвертор кој ја користи електричната енергија произведена во немодернизираните РЕК Битола и Осломеј кои се најголеми загадувачи и произведувачи на штетни честички.
2. Сметката за електрична енергија ќе биде најмалку 3 пати поголема од вообичаената. Доколку месечната сметка била помеѓу 1500 и 2000 денари, со примената на инверторот таа ќе се зголеми на најмалку од 4500 до 6000 денари.
3. Инверторот може да затоплува простор од 35-40м2 кога ќе има екстремни услови. Што ќе се случи со затоплувањето на останатите простории од домот, купатилото и бањата.
4. Ресурсот за затоплување на домовите е најчесто бесплатен, а сега сериозно ќе го оптовари семејниот буџет кој и онака е скромен и недоволен.
5. Трошоците за вградување се од 45-50 евра по единица. Единствен начин кој го предвидел двоецот Заев-Анѓушев како гаранција дека ќе нема злоупотреби е предавање на старата печка, се разбира демонтажата и тргувањето со вградената единица и повторно враќање на печките следната година не е предвидено…, хмммм…..
6. Зголемување на минусот во трговската размена со странство, поради увозната компонента на овој обид за поткуп без ефекти…., и уште многу други лицемерни и скриени намери со цел продолжување на политичкиот век на двоецот Заев-Анѓушев
Потребни се сериозни планови и политики за справување со загадувањето. Потребни се темелни и одржливи мерки за сите граѓани. Веднаш по формирањето на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го рестартира проектот за изградба на секундарната и терцијалната гасификација на Македонија. Преку вистинска субвенција граѓаните да можат да добијат достап до вистински еколошки ресурс, одржлив, функционален и економичен. Истиот проект кој го поништивте во 2017 година. Нов проект на стимулација на граѓаните во насока подобрување на термичките перформанси на фасадите на домовите за најмалку 50% од тоа што се сега. Македонија технолошки тигар на Балканот. Стоп на лагите и срамот. Доаѓа крајот на политичката кариера на двоецот Заев-Анѓушев, а потоа следи одговорност. Не се купува се со пари, го потценувате достоинството на сопствениот народ. Доаѓа #ОбноваНаМакедонија, стои во неговиот пост на Фејсбук.