Сите инволвирани во случајот „Рекет“ за кои низ една независна, непристрасна и целосно ослободена од политички влијанија правосудна постапка, ќе се докаже вина, ќе мора да се соочат со сопствената одговорност, велат од СДСМ на прашање на Плусинфо како ќе постапи партијата откако вчера Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја осомничи за измама потпретседателката на Собранието од редовите на Социјалдемократскиот сојуз, Фросина Ременски во новата истрага која ја отвори уште против петмина.
– Како и претходно, така и сега остануваме на нашиот принципиелен став. Ги охрабруваме правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности во случајот „Рекет“. Ниту претходно, ниту сега, немаме намера на каков било начин да влијаеме врз исходот на истрагата, евентуалните обвиненија и судскиот епилог што би следувал – велат од СДСМ и најавуваат дека нивните одлуки, согласно статутот на партијата, ќе ги донесат откако ќе добијат официјални информации.
Пратеничката Ременски денеска изјави дека не чувствува вина за наводите од истрагата за нејзина инволвираност во проширената истрага за случајот „Рекет“, која се однесува на невладината организација Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски, каде таа беше почесна претседателка. Таа очекува Обвинителството да го докаже тоа што ѝ го става на товар. Во врска со нејзината функција како потпретседателка на Собранието изјави:
– Од аспект на некаква одговорност, ако прејудицирате, времето и законот и Уставот на сите вклучени во било каква постапка, ја гарнатираат презумпцијата на невиност. Можеби има добра шанса сите пратеници во Собранието, кои се во некакво својство пред органите на правосудството, доколку се договориме колективно да си поднесеме оставки, ама сите – рече Ременски додавајќи дека одлуката дали ќе си поднесе оставка нема да ја соопшти денеска.
На Фросина Ременски, сопруга и мајка на две малолетни деца, освен во партијата ѝ се доверени неколку одговорни функции и во извршната, но и во законодавната власт. Во ноември 2015 година Ременски седна во фотелјата на Министерството за труд и социјална политика во пржинската влада. Во 2009 година била избрана за член на Советот за безбедност и НАТО интеграции, а од 2013 година до неодамна беше потпретседателка на партијата. Ременски претседаваше и со собраниската комсија за одбрана и безедност.
Партискиот статут во членот 15 јасно кажува дека секое „работење и дејствување со кое му се нанесува штета на угледот на СДСМ“ повлекува престанок на членство во партијата.
Одлуката за исклучување во случајов би требало да ја донесе Централниот одбор на СДСМ, но таа задача ја имаат и извршните одбори на општинските организација кои одлучуваат за исклучување на членови и функционери избрани на локално ниво. Централниот одбор на СДСМ одлучува за членови на Централниот одбор на СДСМ, за Извршниот одбор, за членови на Пратеничката група и за членови во извршната власт, градоначалниците, како и за функционери избрани или именувани од законодавната или извршната власт. Откако во постапката за исклучување ќе бидат приложени докази (документи и изјави) следува усна расправа, а потоа и одллука за исклучување. Ако СДСМ реши да ја исклучи осомничената Фросина Ременски, таа ќе може да побара да се врати во партијата ако ја докаже својата невиност, дури после една година.
Времено отстранување на осомничената Ременски од партијата, додека не ја докаже својата невиност вчера најави и премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.
– Кога некое лице ќе биде осомничено или обвинeто во тој случај ја применуваме мерката на санкции која значи времено отстранување на тоа лице за да ја докаже својата невиност – изјави Заев, на прашање дали ќе го исполни своето ветување дека ќе биде исклучен секој член на партијата за кој ќе се утврди одговорност.
Оваа изјава првиот човек во СДСМ ја даде уште дадека не беа официјализирани информацииите за проширување на истрагата во „Рекет“ додавајќи дека „ќе ги соопштат ставовите откако ќе прочитаат и видат за што е осомичено лицето и дали е обвинето.“
Новата истрага под палката на обвинителката Вилма Рускоска се води против пет физички и едно правно лице, под сомнение дека сториле кривични дела „измама“ и „перење пари“, односно помагање во извршувањето на овие дела.
Според истрагата, во периодот од јули 2017 година до април 2018 година, првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво.
На првоосомничениот во случајот „Рекет” Бојан Јовановски, алијас Боки 13, му се ставаат на товар и кривичните дела измама и перење пари.